Важно е пациентите да се мотивираат за одржување на здравјето

Новинари: Сара Јованова и Сандра Еленска

Интервју со Рубин Цветаноски, доктор, професор во СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, за пациентите, за нивното здравје, за одговорноста…

Кога добивте желба да стенете доктор по општа медицина. Дали тоа е желба од вашето детство?

Да, токму така. Желбата да станам доктор потекнува уште кога бев дете. Сакав еден ден да бидам доктор и да помагам на луѓето да бидат здрави. Затоа после завршувањето на средното образование се запишав на медицински факултет.

Кои се најдобрите начини да ги мотивирате пациентите за одржување на здрав животен стил?

Воглавно мотивирањето е преку пренесување и давање совети на пациентите како да го одржуваат своето здравје преку конзумирање здрава храна, физичка активност, обегнување на пушење, алкохол и други штетни навики, намалување на телесната тежина, потоа превенција на одредени болести преку превентивни прегледи и контроли. Оние кој веќе мора да конзумираат редовна терапија истата редовно да ја земаат онака како што им е назначено од лекарот и секако почести контроли.

Како се справувате со пациент кој одбива препорачана терапија?

Се обидувам да му објаснам каква е неговата здравствена состојба и колку е таа сериозна, зошто му се дадени тие лекови, каков бенефит има од нив, му објаснувам што сè може да се случи со неговото здравје од болеста за која му е даден лекот, а тој не го зема. Исто така пациентите треба да знаат дека исходот од лекувањето зависи и од самите нив колку се придржуваат кон дадената терапија. Лекарот не може со сила да го натера пациентот да зема препорачана терапија, но може да му ја објасни потребата од земање на соодветните лекови и нивниот позитивен ефект во справување со болеста кајн пациентот.

Како би постапиле со пациент кој бара несоодветни лекови за неговата болест?

Ќе се обидам да му објаснам зошто тие лекови не се соодветни и дека доколку добие такви лекови тоа или нема да му помогне или напротив ќе му ја влоши состојбата. Но секако нема да му препишам лекови само затоа што пациентот ги бара а истите не се соодветни за неговата болест.

Дали имавте потешкотии во почетокот на вашата кариера?

Нормално дека секој почеток е тежок, но доколку се посветите на она што го правите и го правите со љубов, тешкотиите се надминуваат. Секако искуството е тоа кое е од особена помош во текот на работењето и кое нè прави посамоуверени во она што го правиме, позрели и ни помага да напредуваме. Како што реков секој почеток е тежок.

Кога би имале итен случај а сте со друг пациент, што правите?

Како лекар вработен во итната медицинска помош често се случува да има повеќе пациенти во исто време, но сите тие не се итни. Доколку пациентот кој е на преглед во моментот не е итен, а во исто време има повик за пациент кој навистина е итен, секако дека му се дава предност на тој што е итен, односно што има некоја животозагрозувачка состојба. Често се случува кога има итен повик по пристигнување на лице место пациентот да се испостави дека пациентот и не е толку итен. Итни се животозагрозувачките состојби или состојба која може да доведе до тоа. Секогаш предност имаат итните состојби кај пациентите. Сè друго може кратко да почека.

Кои се вашите препораки за вакцинација кај возрасни и деца?

Вакцинацијата има за цел да спречи појава на одредена болест за која е наменета вакцината. Оддтука логично би било дека треба да се спроведува вакцинација, пациентите треба да ги примаат вакцините, а не да имаат став да ги избегнат затоа што само со добра и квалитетна вакцинација можеме успешно да спречиме појава и ширење на одредени болести кои може да остават сериозни последици или да имаат дури и смртен исход.

Вакцините се предходно испитани и проверени па потоа се пуштаат во употреба така да луѓето не би требало да имаат сомнение околу нивната употреба и нивното дејство

Што правите кога пациентот има ненадеен покачен притисок?

Најпрво утврдуваме преку едноставно мерење колку е покачен притисокот. По потреба се прават и други испитувања. Потоа доколку е потребно даваме соодветна терапија за намалување и нормализирање на истиот. Често се случува да има потреба од ампуларна терапија. Доколку е потребно на пациентот му се препишува терапија за дома и се даваат насоки и препораки за дополнителни испитувања се со цел да се утврди причината за покачениот притисок и да се одреди редовна терапија со која ќе се нормализира крвниот притисок.

Scroll to Top