Новинар: Стефанија Маркова
Иако низ годините животот на македонскиот народ постојано се менувал и денес многу работи се различни, сепак ние во себе засекогаш ќе носиме дел од нашите предци. Со нив постојано ќе бидеме поврзани преку традициите коишто живеат во нас.
Нашиот народ има огромна историја испреплетена со убавини и маки, а народот сето тоа го памети и одбележува низ своите традиции, обичаи и дела.
Фолклорот е најсветото нешто што го поседува секој народ, па затоа од есенцијална важност е истиот да биде вметнат во развојот на секое дете.
Културното-уметничко друштво „Негорци“ од с. Негорци, постои од 25 септември 2000 година и оттогаш се залага за негување на нашите традиции со учење на народни кореографии и песни. Истите имаме можност да ги прикажуваме низ нашата земја, но и во странство.
Нашето друштво се состои од повеќе групи поделени според годишната возраст, и тоа: најмала група (до петто одделение), средна група (од шесто до деветто одделение), средношколска група, ветерани (бивши играорци со долго искуство) и рекреативна група.
Низ годините, друштвото има учествувано на 533 фолклорни настапи од кои 235 се во странство, а останатите низ 35 градови и села во Македонија. Редовни учесници сме на фестивали во Турција, Бугарија, Србија и Република Српска каде што имаме формирано долгогодишни и значајни пријателства. Покрај нив, друштвото има гостувано и во Албанија, Грција, Словенија, Италија, Германија, Франција, Белгија и Холандија.
Овие турнеи ни нудат можност да се запознаеме со многу наши врсници нивната историја и традиција. На овој начин се запознаваме со култури различни на нашата, но истовремено стекнуваме посилна почит и гордост спрема својата.
Покрај многуте туѓи настани на коишто учествуваме, своето знаење можеме да го прикажеме на нашиот меморијален фолклорен фестивал „Засекогаш со нас“, посветен и во чест на Игор Мицев. Истиот се одржува во првата недела на ноември, веќе три години по ред. Оваа година се одбележа на 1 ноември, а нашите играорци се покажаа со своите најдобри кореографии, меѓу кои е и енергичната српска игра „Врање“ изведена од групата ветерани.
Оваа година ја имаме честа да бидеме организатори на Регионалните фолклорни смотри, еден многу истакнат настан меѓу фолклористите од Македонија. Овој настан се оддржува околу 30 години. КУД „Негорци“ на овој настан бил организатор 9 пати. Имено, вечерта е наменета кон евалуирање на квалитетот на ансамблите така што секоја група ќе прикажува народни носии, кореографии и песни од својот крај.
Настанот ќе се одржи во петок, 15 ноември, во Народен театар – Гевгелија во 18.30 часот.
Научно е докажано дека посветувањето кон некое хоби има позитивен придонес за квалитетот на животот, така што ја подржува емоционална и физичка состојба на телото. Фолклорот нуди можност да научиме нешто повеќе за своето минато, но многу поважни се промените во нашата перспектива и карактерни особини коишто се резултат на турнеите на кои учествуваме.