Срце обоено со златна глетка

Леана Јанковска

            Сонував сон дека дошол некој уметник и ја обоил целата природа со златна боја. Убав беше мојот сон, полн со светлина и живописни детали, кои ми даваа чувство на бескрајна радост. Но кога се разбудив утрото, врнеше дожд. Надвор мирисаше на студенило, а темни облаци го обвиваа небото, создавајќи тажен амбиент. Бев сневеселена, тежината на облаците ја пресликаа и на моето срце. Ги облеков дождовните чизмички, го земав чадорот и решив да излезам надвор на дождовна прошетка, надевајќи се дека природата ќе ми донесе некоја утеха.

Утредента, кога мислев дека повторно ќе врне, се случи чудо. Се оствари мојот сон. Целата природа беше прекриена со злато, како да некој го насликал светот со најубават четка. Крошните на дрвјата се преливаа во сите топли тонови од палетата на уметникот. Дождот го немаше, а сувите лисја шушкаа под моите нозе, произведувајќи мелодија на есента. Чекорев и чекорев, изгубена во моментот, само за да го слушам нивното шумолење, како нежна симфонија на природата.

           Сега е рана есен. Лисјата полека паѓаат, создавајќи мек тепих од бои, а деновите стануваат пократки. Денот не беше воопшто топол, студенилото ми ги штипеше образите, но сепак беше прекрасно. Чувствував ветрот како нежно ми ги разлетуваше косите, а слободата што ја доживував ме исполни со радост. Однекаде до мене допре убава миризба – тоа беше мирисот на печени костени, мирисот на есента, на топлината што ја носи со себе. Се впивав во секој момент, во секое чувство, заборавајќи на грижите и секојдневието. Златните нијанси на дрвјата, како да зборуваа со мене, ме потсетуваа на детството и игривливите  моменти поминати во природата.

            Сепак, и покрај студот, во воздухот се чувствува ветување на топлина и дом. Гледам како сонцето, иако помалку присутно, полека ги обојува облаците во розови и златни нијанси при зајдисонце. По есента, доаѓа зима, но за сега, само уживам во оваа златна магија што ја носи есента. Секој чекор, секој поглед, секој мирис е потсетник на убавината на животот и на трансформацијата што ја носи природата, а секоја капка дожд што некогаш падна на земјата,  сега е во оваа златна сезона, изгледајќи како дар од небото.

Тогаш си реков за себе: „Значи, најубаво годишно време е есента.“ Но потоа се сетив на сите времиња– секоја од нив носи свои убавини, свои магии, како што се веселиот пролетен цвет или летните сончеви денови. Сепак, во тој момент бев толку понесена од есента што заборавив на сè друго. Сите мои сетила ја почувствуваа есента, нејзината тага  и нејзиниот спокој, како да бев дел од нејзиниот златен танец.

         Додека продолжувам да шетам, чувствувам како есенскиот ветер ми шепоти тајни за идните денови. Тој носи надеж и спомени, ветувајќи ми нови искуства и откритија, а со нив и нови бои во мојот живот. Во овој момент, се чувствувам како дел од оваа прекрасна  бајка  што ја создава природата, и знам дека есента, со својата убавина, ќе ми остане во срцето долго по завршувањето на нејзината златна глетка.

Scroll to Top