Фотографијата ги чува моментите од исчезнување

Новинари: Сандра Еленска и Сара Јованова

Димитар Новаков е момчето кое со својот објектив ја менува перспективата на видувања на објектите и природата. Неговото фотографирање докажа дека Гевгелија ја има во сите бои!

Кога за прв пат се заинтересиравте за фотографијата?

Можеби при појавата на телефони со камера. Но, главен интерес ми се појави пред точно 10 години кога и го купив мојот прв DSLR апарат инспириран од еден мој другар и можностите на неговиот апарат. Оттогаш па до денес интересот сè уште расте.

Кој е вашиот омилен стил на фотографија?

Имам неколку омилени: пејзажна, концептуална, улична, свадбена фотографија и фотоманипулации.

Што најмногу ве инспирира во вашата работа?

Ме инспирираат секојдневни приказни и случувања, убавините на природата околу нас како и радоста и разновидноста на емоциите на луѓето кои ги фотографирам и комуницирам со нив. Исто ме инспираат и другите уметности, можеби најмногу музиката.

Која е вашата омилена опрема за фотографирање?

За различни намени има и различна соодветна опрема за фотографирање. Омилена ми е кога е наједноставна, односно кога се состои од еден апарат, еден објектив и ништо друго. Тогаш можеби најмногу може да се посветам на околината и доживувањето да е најголемо, па да го пренесам најдобро што е можно. Колку е покомплицирана опремата, тоа и одзема повеќе енергија.

Дали има некој проект на кој што сте особено горди?

Нема еден туку тие се повеќе проекти кои ми се премногу драги. Би ги наведил изложбите како едни од омилените.

Проектот ДИВЕРЗИЈА има огромна популарност не само во Гевгелија, туку и пошироко. Како дојдовте до идеја за снимање и презентирање на таков тип на хумор?

Идејата си дојде од ведро небо, од сосема случајно и кратко комично видео излезе доста голема работа. Дури не ни размислувавме за тоа, туку едноставно тоа ни е секојдневие и начин на комуникација, а исто и начин на решавање проблеми и надминување тешкотии. Инспирацијата е главно од гевгеличани, па и македонски и балкански менталитет на луѓето. Ние само го пренесуваме на малку обработен начин, а некаде, ако е можно, и да ги натераме да размислат за нивните недостатоци.

Кои се најголемите предизвици што ги имате како фотограф?

Најголеми предизвици се да стигне секаде. Да се направат, средат и достават сите проекти на време. Па потоа да се остане концентриран во текот на целиот настан, да се ‘подеси’ најпрво умот па и опремата во согласност со темата на која се фотографира. Да се најде време за учење на новитети поврзани околу фотографијата, а и нешто најважно – да се најде време за одмор и не правење ништо.

Што би нè советувале во врска со вашата кариера?

Работете го она што вистински го сакате. Ако го започнувате денот и ви е најмило што денес имате да го работите нештото, или ако дури после 10 години (во мојот случај) ја има возбудата за некој сегашен или иден настан поврзано со тоа, тогаш тоа е вистинското мерилото за успех. Освен тоа мора да се биде константен и во квалитетот, точност, навремено извршување на задачите и професионален однос кон сите. Исто е важно да сте расположени за учење нови работи, посебно ако работата ви е поврзана со нови светски трендови и нови технологии.

Како ги обработувате фотографиите затоа што многу често гледаме фотографии кои се „монтирани“, но пленат со својата оригиналност?

Фотографиите кои се монтирани ги работам во Photoshop. И тој процес се состои најпрво на создавање и дообработување на идејата во главата или некоја груба скица на лист хартија, па планирање за полесно собирање на потребните елементи за тоа дело. Потоа се размислува околу светлината која мора да биде иста на секоја посебна фотографија за кога ке се спојат да изгледа најреално можно. Во зависност од сложеноста на делото, бројот на фотографии кои треба да се комбинираат и цртање на рака на некои елементи време делото се обработува од два дена до неколку месеци.

Каде и како ги минавте средношколските денови? Има ли нешто интересно од тој период?

Средношколските денови ги минав во „Јосиф Јосифовски“ и ми се едни од омилените во животот, исполнети со многу дружење и учење нови работи. Тогаш продолжив да ја негувам љубовта кон уметноста, а и со појавата на телефони со камера ја развивавме и креативноста во снимањата видеа со неколку деца од мојата генерација.

Scroll to Top