ЈАС и само ЈАС – проблемот на современиот човек

Колумна на Јован Грозданов

„Баш ми е гајле“ -основната реченица што ја опишува состојбата на модерниот човек. Баш ми е гајле. Реченица што мали деца ја користат кога се налутени. Зошто тогаш мислам дека ја опишува состојбата на модерниот човек? Бидејќи огромен број луѓе во нашиот модерен свет не се толку различни од мали деца.Егоистични се, себични, и не се воопшто зрели. Накратко објаснено, баш им е гајле за луѓето околу нив.

Човекот во нашето општество гледа за себе, но тоа не е ни толку лошо, всушност добро е да размислуваме за нашето добро. Но јас размислувам пред сè за моето добро, и ти размислуваш пред сè за своето добро, и оној човек што не ти го привлече вниманието на улицата размислува пред сè за своето добро.

Мора да повторам, ова не е лошо. Но во заедница размислување што е строго себично доведува само до лоши последици.

И овде е нашиот проблем, никој не му е погодено. Секогаш има некој којшто е незадоволен. “Секој друг е грешен, јас сум во право и за твоето мислење баш ми е гајле!”

“Солидарност? Само кога мене ми одговара!”

“Да помагам на други? Само кога добивам пофалница!”

Почит и љубов во нашето општество во нивната најчиста форма се само кон себе. Позади секое добро дело е малата надеж дека ќе дојде некој да ни каже дека сме добар човек, дека сите треба да бидат како нас. Оваа надеж можеби е мала, но е доминантна и е еден од главните мотиватори за ова добро дело. Позади секоја љубовна песна е надежта дека оној за којшто е напишана ќе се воодушеви и ќе нè сака повеќе.

И што да правиме за ова? Не можеме ништо. Реално нема решеније за ова. И што би рекол обичниот човек? “Баш ми е гајле.”

Но и јас сум обичен човек. Ова се го пишувам од перспектива на оној којшто го критикувам. За многу работи и мене баш ми е гајлe.

Како тогаш јас, еден од грешниците којшто фрла камен можам да пишувам долг текст за  моите сопствени грешки додека ги повторувам континуирано?

Дали кон себе го фрлам овој метафоричен камен?

Вистината е дека сопствените грешки ги разбирам, сопствените дамки на алиштата ги гледам, но не знам како да ги исчистам. Како човек разбирам дека сум грешник. Разбирам дека грешам, и разбирам дека има место за напредок. Но како човек разбирам дека нема место за совршеност.

Совршеност е нешто целосно надвор од моите можности. Но тоа е дел од искуството како човек. Многу прашања, малку одговори. Можеби алиштата беа создадени со дамките, не извалкани.

Scroll to Top