ГОРЈАН ПЕТРЕВСКИ: СЕКОЈА ГЕНЕРАЦИЈА Е УБАВА НА СВОЈ НАЧИН

Новинар / ученик: Костадин Узунов

Фотографија: Димитар Новаков

Горјан Петревски е еден од најпознатите македонски детски писатели. Со неговиот интересен стил и дарба за пишување ги поттикнувал, ги поттикнува и ќе ги поттикнува децата за плодна работа.

Што Ве инспирира да пишувате за децата, кој беше мотивот со кој се одлучивте да творите детска литература ?

Најпрвин моето детство, моето детство беше бурно многу. Живеевме во едно поинакво време. Но знаевме од детството да правиме убави доживувања,  се справуваме со проблемите онака како што умеевме. И се разбира тие доживувања од моето детство беа толку силни што јас посакав некаде да ги внесам, во литературата, во она што го пишував, во романите, во расказите, прво расказите, затоа што пишувањето го почнав со раскази, а потоа отидов со романи. Но мојот сон беше да напишам барем еден роман кој читателите ќе го сакаат и публиката ќе го прифати. Тоа беше романот Споменка на тема мојата прва љубов. И се разбира не напишав само еден роман, туку сето тоа се продолжи низ текот на сиот мој живот. Излегуваа голем број романи, не знам сега точно колкава е бројката, мојот опус е околу четириесетина книги. Се разбира сите тие раскази и романи се дел од мене самиот, имено писателот во своите книги се прераскажува себе си.

Во претходното ваше говорење рековте дека првите два раскази ви се објавени на 1.1.1970, дали тие два раскази се напишани на 19 години или сте ги напишале порано па поминале некое време во фиока?

Првиот расказ Старата црешна и вториот расказ кој се викаше Ливадата, со нив влегов низ големата врата на литературата за деца. Расказите се напишани на 15 или 16 години во инетрнатската зграда во Прилеп, тогаш учев во прилепската гимназија. И се разбира тие раскази кои ги пишував на 16 години подоцна влегоа во книгата Гороцвет, таа ми беше првата книга објавени раскази. Но никогаш не сонував дека е возможно да се објави книга на 15 или 16 години. Да знаете, писателот мора да биде строг кон себе си. Да речеме јас имам толку многу раскази како ученик кога сум бил шесто, седмо, осмо одделение, ако тогаш ги објавев во една книга, јас денеска ќе се срамев од нив. Затоа треба да се биде строг кон себе си, и да се сфати дека не може книга да се напише на 14 или 15 години. Таа книга сепак се пишува на една позрела возраст, која еден ден ќе те понесе да пишуваш понатаму, за тоа што си успеал со книгата. Заради тоа реков дека авторот треба да биде строг кон себе си, јас кон себе си бев многу строг и за тоа мислам дека успеав. Но сепак тоа го препуштам на моите читатели.

Рековте дека вашиот прв роман е Споменка, на колку години сте го објавиле ?

Јас сум направил план за романот уште на 16 години. Но знаев дека романот во мене треба многу да созрева. Јас додека го пишував романот направив четири или пет верзии, постојано препишував, менував сè додека не дојде денес познатиот облик. Споменка е дојден преку еден распишан конкурс за најдобар роман во  „Детска радост“ . За да не ме открие жирито , јас името го преиначив , бидејќи Споменка ми беше веќе познат план, и ставив некое друго име наместо Споменка. Па така тој роман беше објавен во детска радост, а јас само го ставив името Споменка.  И ете, тој роман ми живее и денес и го сакаат читателите. Впрочем успехот на еден роман секој читател да го доживее на свој начин. Вие вашите генерации ја немате првата љубов, вам ви се допаѓа таа љубов по чистината и по чувствата, таму сè е беспрекорно нема ништо извалкано. Сè е понесено, тоа се извира од срцето од душата, таа е таа чиста љубов кој секој ја посакува.

Според вас кој темелот или најважниот елемент за творењето детски роман, по што вие се водите? Ете рековте за детската љубов, детските авантури, детските мисли меѓутоа нели секој писател има една основна мисла водилка, епа која е вашата ?

Мотивот ми е дека воспитувањето не треба да биде наметливо. Затоа што децата не сакаат да ги воспитуваш директно. Но добро е секој роман да има една порака, која сама по себе ќе се вовре во детето. Детето од кога ќе го прочита романот или расказот нешто треба да го понесе, меѓутоа не преку лоши примери. Моето мислење е дека преку лошите примери не треба да се воспитуваат деца. Преку добри примери, и сето тоа да не биде наметливо туку да дојде спонтано. Читателот тоа треба да го подзамисли, како тој се однесува, колу тоа е во ред. И дали од романот што го прочитал нешто извлекол што ќе му послужи низ животот, низ секојдневието, низ случките што му се случуваат. Значи дека романот треба да понесува, треба да воспитува но никако наметливо.

Иако мислам дека вистинскиот одговор на ова прашање треба да го добиеме од читателите, сепак Вие најдобро знаете. Која е пораката која Вие со вашите дела ја испраќате до децата ?

Пораката е дека децата треба да веруваат во себе, да бидат оптимисти, за сè има решение во животот. И не треба да се препнат за првата љубов. Таа е само убав влез во животот. А вистинските љубови, големите љубови подоцна ќе дојдат. Првата љубов нека биде чиста, препорачувам немојте првата љубов да ве разочара, и да мислите дека таа е прва и последна. Не таа е само убавиот почеток во животот.

Дали вие како писател испраќате и некоја порака до родителите односно до возрасните читатели ?

Па јас повеќе пораките ги насочувам кон родителите, и за тоа можеби ме сакаат и возрасните. Мене посебно задоволство ми е што тие ги читаат моите романи. Зашто кога јас почнав да пишувам сакав да го разбијам тој стереотип за детската литература дека таа е наменета само за деца, а не и за возрасни. Не туку проблемите кои ги обработувам во моите романи повеќе ги засегаат возрасните отколку децата. Тинејџерите пак се една прекрасна публика, тие ми возвратија на еден поубав начин. За тоа јас сум многу благодарен, бидејќи една книга ако не допре до читателите – писателот исто како да не ја напишал и неговиот труд е залуден. Значи децата не се одделуваат на страна од возрасните. Сето тоа е во спрега со возрасните, сето тоа е еден заеднички живот, а ние како родители трепериме над своите деца. Но, се разбира и децата во своите родители треба да гледаат идоли да се разбираат со нив, да имаат доверба. Зашто детството некогаш знае да згреши, но грешки прават и возрасните.

Рековте дека во списанието каде сте биле уредник на рубриката Љубовна станица сте наишле на критики од страна на возрасните. Дали тие критики делувале обесхрабрувачки на Вас ?

Тие критики за кои јас зборував на оваа средба беа измислени од мене против самиот себе. Јас тие писма што ги објавував против мене потпишани како родител, беа измислица. Јас сето тоа го измислив за тоа што сакав да видам каква реакција ќе имаат читателите на Вљубената страница, но тие застанаа зад мене. Во тој период страницата беше толку популарна што од Гевгелија ми пристигна писмо на кое беше напишано само До Љубовна страница – Скопје. И ете писмото пристигна кај мене, до толку беше популарна страницата. Значи родителите сепак беа задоволни од таа страница, бидејќи јас ги советував нивните деца онака како што доликува на еден родител, на еден возрасен човек. И се надевам дека тие совети многу помагаа затоа што добивав огромна благодарност. Често ќе ми речат дека сум им го ришил најголемиот проблем. Е, сега тие проблеми од една дистанца не биле големи. Да речеме тоа биле вообичаени проблеми, како на пример две другарки од кои и двете се вљубиле во исто момче,  па едната и го презела на другата, а другата останала разочарана. Знаете сето тоа се надминува во животот. Па баш затоа секогаш во моите романи ги навлекувам на оптимизам. Секој читател сака среќен крај. Јас се обидувам среќниот крај да го извлечам од нив. Не треба да очајуваат, да не помислат дека ова нема решение и е крај на светот. Не рековме дека таа возраст е само убав почеток и препорачувам дека главата треба да биде крената горе, и убавите моменти во животот, големите љубови ќе дојдат во своето време.

Како гледате на влијанието на технологијата и дигитализирањето на медиумите и романите? Како тоа влијае на зголемувањето на интерес за читање кај децата ?

Велат дека читањето е намалено, љубовта кон книгата во ова време на висока технологија, на интернет. Но на моја среќа јас имам многу средби со читателите, и не сметам дека  книгата е до таа мера фрлена и занемарена. Сè уште читателите кои прекрасно читаат, разговараат. И не сум разочаран за да речам дека овие генерации не читаат повеќе и се преокупирани со друго. И во нашите генерации тие што читавме – читавме, а кои не-не. Па така јас држам до тоа дека не треба до толку црно да се гледа на дигитализацијата. Но технологијата пак и многу ни олесна, замислете да се вратиме на машини за пишување. Моиоте први романи се пишувани рачно. Со компјутерот се олесна целиот процес. И се доби барем 50% во време. Технологијата нè издигна на повисоко ниво. Јас не ве напаѓам како генерација вас младите, оти вие си го живеете вашето време, продолжете и понатаму така. Еден ден и вие ќе речете, е, какво беше нашето време. Како што возрасните имаат убави спомени од нивното време така и вие ќе имате убави спомени од вашето време. За секоја генерација па и за мојата мислев дека како генерација не вредиме ништо. Но денес сфаќам дека сме биле прекрасна генерација.

Scroll to Top