Сара Стамкова
Секоја година едни на други си праќаме новогодишни честитки, но времето ја менува не само нивната содржина туку и нивната посебност. Честитката за да биде честитка треба да биде изработена од нас или пак купена. Нејзиниот најважен елемент пак е текстот со искрените желби. Честитките кои ги добиваме во нас будат многу убави чувства и тоа е причината за нивната посебност. Се сеќавате ли на некогашните новогодишни честитки?
Оние кои ги правевме самите со памук, светки, гранки од елки и тие поубавите кои ги купувавме со слики од Дедо Мраз, снешковци и снежни идили. Јас нив добро ги паметам бидејќи сите честитки ги чувам. Толку многу ми значат тие долги текстови со желби од моите блиски, едноставно нив не можам да ги фрлам. Ете, убавината на таа честитка не се крие во сликата на човекот со бела брада и торба подароци на рамото, туку во зборовите кои сѐ уште ме развеселуваат кога ги читам. Се разбира исти такви честитки сум пишувала и јас. Тој период во годината и возбудата која ја чувствував е неизмерлива. Сакав што побргу да ги напишам и да ги однесам на моите блиски пријатели и роднини, па да ги гледам нивните насмевнати лица. На секоја честитка и посветував внимание, а со тоа всушност посветував внимание на оној кому му беше упатена. Едноставно тоа е посебна среќа која ја предизвикува само новогодишниот период и тие мали слатки вниманија.
![](https://klubjoska.mk/wp-content/uploads/2024/12/novogodishna-chestitka.jpg)
Во денешно време мислам дека сите ние заборавивме не само на честитките и блиските луѓе, туку и на убавината која ја носат новогодишните празници. Сега ќе го земеме телефонот во рака како што правиме и секогаш и ќе напишеме една безначајна порака. На нашите блиски ќе им пратиме „Среќна Нова година“ дури ќе ставиме и емоуџи за да знаат дека ни значат. Сепак, таа електронска честитка кај никого не може да го побуди тоа чувство на среќа како онаа некогашната честитка. Интернетот ли нас не направи интровертни, тој ли е виновникот за нашата оттуѓеност? Мислам дека интернетотне е единствениот виновник. Виновни сме и самите ние поради тоа што му дозволивме сите честитки да ги замени во неколку клика на телефоните. Зарем не гледате дека повеќе ја нема онаа радост околу новогодишните празници? Радоста ја нема затоа што неа не можеме да ја чекаме со едноставна порака прочитана на социјалните мрежи. Ниту најскапиот подарок не може да ја замени вредноста на новогодишната честитка. Ајде да ги направиме некогашните честитки повторно популарни! Да станеме сите колекционери на најубавите и највредните новогодишни честитки