Кире Чурлинов: полесно се работи со пациенти отколку со луѓе

Виолета Чугунцалиева

Доктор Кире Чурлинов дипломиран анастезиолог, сподели искуство со својата кариера и совет за секој кој има желба и  цел да ја започне оваа кариера.

Колку долго работите како лекар?

Како лекар работам 28 години, а како специјалист 20 години.

Како се одлучивте за оваа кариера, и што Ве мотивираше?

Желбата да станам лекар ја добив додека бев во средно образование. Почнаа да ме интересираат работи поврзани со анатомијата на човекот, и така решив да се запишам на Медицинскиот факултет во Скопје.  Кога привршив со последната година од студиите, волонтирав во една клиника во Скопје, анастезијата како наука секогаш ми остави впечаток, имав услови за специјализација и решив тоа да биде анастезиологија.

Како ви поминува еден работен ден?

Секој работен ден е приказна за себе. Кога денот е без закажани операции секој вработен во болницата има тековни активности а доколку има закажени операции, најважно е работите да се одвиваат по договорената рутина, и секој лекар да го изработи својот дел.

Дали имате стрес, и доколку имате како го одржувате фокусот за време на операциите?

Полесно е да се работи со пациенти, а потешко со луѓе. Во моментот работам во болница за акушерство во Штип, и сè уште сум во период на адаптација, но еве пример, за да стигнете до одреден град во Македонија има повеќе патишта, но крајната дестинација секогаш е иста. Истата поврзаност е со мене и персоналот. Може да имаме различни пристапи, но секогаш целта наша е обезбедување најдобра  нега за пациентите. Важно е почитувањето на професионалноста и индивидуалноста на секој поединец таму.

Како се справувате со емоционалните аспекти при комуникација со пациентите и нивните семејства, особено во случаите со лоша дијагноза?

Се трудам да бидам максимално смирен, би сакал да избегнам негативни коментари. Ако една чаша е до пола наполнета со вода, јас го прикажувам полниот дел.

Што мислите дека е најважно во Вашата професија?

Најважно е да бидеш смирен, посветен, да не работиш само по рутина, бидејќи рутината и навиката се најголеми непријатели на професионалноста. Колку се слични, исто толку се и различни сите случаеви и пред сè, сите треба да го имаме емоционалниот аспект на пациентот, и да не ги потенцираме нивните недостатоци.

На кое ваше постигнување сте најгорд?

Горд сум  и благодарен за секое мое постигнување. Мислам дека благодарноста е суштината на животот, и е многу поважна од  самите освоени награди и плакати. Најгорд сум за тоа што ја одбрав оваа професија која раѓа голема чест и одговорност.

За крај, споделете совет за секој човек што сака да ја работи оваа кариера.

Самата професија бара многу голема одговорност зашто се работи со личност, жива материја. Секој што сака да продолжи со оваа кариера  треба да е многу одговорен, смирен, многу посветен. Да прави баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот и да ја сака својата кариера.

Scroll to Top