top of page

ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ: НA СЦЕНАТА ЈА САКАМ ПРОБАТА, ПРЕД КАМЕРАТА МОМЕНТОТ НА ИЗВЕДБА

Updated: Feb 10

Васил Зафирчев е врвен македонски актер кој ги освојува постојано срцата на публиката. Дел е од театарскиот свет со многубројни изведби на сцена, но дел е и од филмскиот свет кој го рефлектира со неверојатната глума пред камера. Добитник е на многубројни признанија и награди, меѓу нив е и врвното признанието ,,Ристо Шишков’’.

Најмногу доминира со улогата од телевизиската серија ,,Преспав’’ со која незаморно им ги лови насмевките на гледачите од помладата и повозрасната публика. Зафирчев продолжува и понатаму да ја крои патеката кон успехот во светот на глумата.



Андреј: Која Ви беше професија од соништата како дете?

Зафирчев: Отсекогаш сум имал афинитети кон уметноста. Најпрво кон музиката и танцот, а подоцна и кон театарот. Но, фасциниран од вселената, во еден период посакував да станам астрофизичар или астроном. 

Андреј: Кој предмет од средното образование најмногу го сакавте, а кој најмалку?

Зафирчев: Ги сакав сите предмети, зашто секој од нив за мене беше прозорец кон светот. Но, најмногу од сѐ, македонски јазик и литература, историја, физика и странски јазици.    

Андреј: Од кога и како се стекнавте со желбата да навлезете во светот на глумата?

Зафирчев: На мои 8 години, кога за првпат присуствував на театарска претстава, во старата зграда на Велешкиот театар. Претставата се викаше "На сечило", а во неа играше легендарниот Петре Прличко. Беше тоа магија, која на прва ме освои.  

  Андреј: Да се глуми пред сцена или да се глуми пред камера? Што е потешко?

Зафирчев: Секое си има своја  тежина. И бара различни вештини и  постапки во подготовката и изведбата   на улогите. На сцената ја сакам  пробата, а пред камера моментот на  изведба. Но,  иако различни, за мене и  едното и  другото се голем предизвик и силна возбуда.



Андреј: Која улога од театарска претстава, филм или серија Ви била најпредизвикувачка и како се соочивте со истата?

Зафирчев: Секоја улога е предизвик. Но, има такви кои можат да предизвикаат лична промена. Со нив растете како човек и созревате како уметник.

Андреј: Дали постои актер или режисер кој навистина влијаел во подобрување на Вашата кариера?

Зафирчев: Советите од поискусните актери се секогаш вредни. Зашто, во нив се содржат тајните на актерскиот занает. Режисерите пак, се потписот во кариерата на секој актер. Некои од нив ме освоиле со својата визија и храброст, други пак, со своето знаење и талент. А има и такви, кои во мене виделе предизвик и инспирација.


Андреј: Раскажете ни како ја добивте улогата во телевизиската серија ,,Преспав".

Зафирчев: На кастинг. Со еден мал монолог на куварот Марио, на хрватски јазик, којшто по барање на режисерот, го изведов со пургерски акцент.

Андреј: Тешко ли е да се биде Марио? Ако би можеле да си ја замените улогата, со кого би ја смениле?

Зафирчев: Марио за мене е предизвик, радост и забава. Не би го менувал. Ако веќе морам, тогаш го менувам за ликот на Тони.

Андреј: Како го балансирате приватниот со јавниот живот?

Зафирчев: Уметничката вокација е начин на живот, па личното и професионалното постојано се преплетуваат и надополнуваат. Заради уметноста пропуштате мигови од личниот живот. Но, преку неа, доживувате неверојатни мигови на радост, исполнетост и хармонија.




139 views

Comments


bottom of page