top of page

Завршен настан од проектот „Јас=Медиум“

Во рамките на проектот „Јас=Медиум“ на ЗГ „Од станица до граница“ во Народниот театар во Гевгелија се одржa завршниот настан на кој премиерно беше изведена претставата „И сега, што правиме?“.

На настанот беа присутни претставници од УНДП, наставници, родители и ученици од сите училишта од Општина Гевгелија што бea вклучени во проектните активности. 

Билјана Георгиевска како проектен координатор на ReLOad - програмата истакна дека проектот „Јас=Медиум“ е еден од проектите во кои директни учесници се младите разработувајќи теми што ги засегнуваат поденакво сите генерации.




Претседателот на здружението, Тони Аврамов, истакна дека овој проект во своето осуммесечно имплементирање ги опфати сите училишта од Општина Гевгелија, но и ја докажа продуктивноста од причина што во рамките на проектните активности беа изработени повеќе медиумски производи со едукативен карактер.

„Проектот „Јас=Медиум“ ја исполни својата цел. Со него беа опфатени сите училишта во Општина Гевгелија и како организатори сме и повеќе од задоволни со реализацијата на активностите. На крајот од овој проект направивме и анализа со помош на дополнителна анкета помеѓу учениците и за жал сè уште голем процент од младите, повеќе од 70% дневно се повеќе од шест часа на мобилните уреди. Тоа е загрижувачка бројка, затоа што младите се оттргнати од општествената социјализација, па слободно можам да кажам и од редовните секојдневни ангажмани што треба да ги имаат дома и на училиште. Радува фактот што анкетата докажува дека учениците за разлика од возрасните, полесно ги препознаваат лажните вести и знаат кои алатки и методи да ги користат за откривање на таквите содржини. Како здружение продолжуваме понатаму, станавме член на Македонската медиумска мрежа и се насочуваме уште повеќе кон изработка на аудио-визуелни едукативни содржини и едукации поврзани со медиумската писменост“, истакна Аврамов.



Како претставник на наставниците, но и како дел од екипата за едукација од областа на психологијата во овој проект на присутните им се обрати и Мери Олумчева истакнувајќи дека „детето е татко на човекот и во оваа насока треба ние возрасните да ги препознаваме ваквите проекти кои на интерактивен начин ќе вршат превенциј,а поддршка и учење за медиумската писменост“.

На настанот беа доделени наградите од конкурсот „За мојата приказна јас сум медиумот“, но исто така беше изведена и претставата „И сега, што правиме“, на текст од Марија Џиџева, а во режија на Даниела Џишева и Марија Џиџева. Претставата ја одиграа членовите на драмската група „Дон Кихот“ при СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија.

Темата што ја обработува проектот „Јас=Медиум“  се секојдневните предизвици на младите во поглед на примање информации, нивната веродостојност и опасностите што се јавуваат како закана во развојот на психофизичкиот развој, употребата на социјалните мрежи, но и алатките што можат да помогнат при откривањето на лажните информации и фотографии.

Учениците од сите основни училишта и од средношколскиот центар изминатите осум месеци одржаа повеќе работилници со новинари, режисери, психолози и наставници по македонски јазик со цел откривање и препознавање на лажните вести и креирање на добри содржини.



Проектот „Јас=Медиум“ на ЗГ „Од станица до граница“ се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот  „Јас=Медиум“ е кофинансиран од Општина Гевгелија.

10 views

Comments


bottom of page