top of page

ИВОНА ЈО: ВНАТРЕШНОТО ЧУВСТВО МИ Е НАЈГОЛЕМА МОТИВАЦИЈА


Верица: Кога и како кај вас се разбуди желбата за музика? 

Ивона: Како мала многу сакав да гледам музички серии. Гледав „Млади бунтовници“, „Ангели“ кои играа на тогашната А1 телевизија. Разбудија кај мене желба за играње и пеење. Наскоро почнав со хорско пеење од коешто научив многу за интонација, поставка на вокал- учење кое го користам и ден денес. 

Верица: Кои беа првите чекори кон постигнување на Вашата цел, постоеа ли препреки? 

Ивона: Гледајќи од оваа перспектива секоја препрека која дошла на мојот пат кон досегашниот успех ме научила некоја добра лекција која и ден денес ја употребувам. Но тогаш ко мала на 14 години никако не можев да си објаснам некои работи кои се случуваа уште од тогаш. Изгледот секогаш го ставаа како моја најголема пречка за понатамошен успех. Ми требаше многу време да се отргнам од тие шаблони. Но сум благодарна денес, на секоја лекција од тој период. Пречки секогаш ќе има- на нас е како ќе ги гледаме и совладаме.



Верица: Што е она што Ве мотивира да продолжите понатаму, дали тоа е поддршката од најблиските? 

   Ивона: Најголема мотвација ми е точно она внатрешно чувство кое се буди кога ќе застанам и ќе видам како луѓето реагираат на музиката што ја пеам. Гледам емоции, гледам ослободувања, гледам уживање, насмевки.... Најголема мотивација ми е моето внатрешно чувство дека го правам тоа што го сакам. Поддршката од најблиските е неизбежна, но не може да ти биде звезда водилка доколку не го правиш она што го сакаш. 


Верица: Какви беа вашите средношколски денови, каков беше тој период, дали и тогаш ја имавте истата цел? 

Ивона: Луди и незаборавни би кажала. Имав многу лудо друштво со кое што учевме и бевме едни од најдобрите по резултати во училиште но и најбесните ученички. Завршив средно медицинскo,  сестра техничар. Тој период музиката тлееше во мене, ми беше водилка на душата, но не беше толку гласна или пак јас не сакав да ја слушнам. Погласни беа убедувањата од околината дека во Македонија не можеш да работиш само музика, и дека ти треба додатна работа. Па наместо да трошам време и да ја негувам музиката јас лутав барајќи која е таа работа која ќе ми дозволи навечер да пеам. Но секогаш вистината доаѓа тогаш кога си спремен. Лутајќи и барајќи се себе тој период, денес сум ова што сум. И за ништо на светот не би го менувала тоа лутање. 

Верица: Што би им препорачала на оние кои Ве следат, оние кои ја имаат истата пасија кон музиката како Вас? Да слушаат многу музика, секогаш, секаде. 

    Ивона: На ниеден жанр да не гледаат како не јас тоа не го слушам или не го пеам. Да работат на своето внатрешно јас. Да не веруваат што другите велат дека не може, затоа што тоа ТИЕ не го можат но не и ти. Задолжително посетување на млади години на хорско пеење. Сакање тоа што го работат, секој час, секоја минута. Овој живот колку и да изгледа совршен постојат периоди кога е многу напорно. Мене ова немаше кој да ми го каже, се надевам дека ќе допре до некој. 

    Верица: Кој беше најголемиот чекор кој моравте да го направите за да дојдете на ова место каде што сте сега? 

Ивона: Уф..многу добро прашање. Да верувам многу покрај претходно споменатите убедувања од мојата околина за состојбата на музиката во нашата држава. Да верувам дека знам што правам и зошто тоа го сакам. Ништо потешко од константа во тоа верување. Сите други одлуки после верувањето доаѓаат лесно и лесно се спроведуваат.

21 views

Comments


bottom of page