top of page

КАЛИОПИ

Никогаш не престанувајте да верувате во чуда, затоа што доколку верувате во нив, тие и се случуваат. 😊



Од колку години започнавте да се занимавате со музиката?

- Уште од малечка! 😊 Од мојата 9-та година започна моето патешествие во музичките води. Моите први јавни настапи, моите први интервјуа, моите први снимки за носач на звук, мојот прв хонорар....Како Алиса во земјата на чудата, така се чувствував!

Какво е Вашето искуство од евровизиското натпреварување? - Интересно, возбудливо, необично и секако, секоја Евровизија на која учествував, за мене беа различно искуство. Најубав спомен ми е секако Евровизијата во Баку, 2012 година, кога ја пеев „Црно и бело". Но и помалку добрите и неубави спомени се и тоа како многу значајно искуство.

Црно и бело” е песна која и ден-денес се слуша. Каква порака носи? Дали е тоа нашата реалност?

- Кога ја креиравме „Црно и бело", за која Ромео ја напиша музиката, а јас текстот, имавме само едно на ум - правиме песна која ќе испише нови страници во музичката историја. И иако ја пеев на македонски јазик, таа токму така стана планетарно популарна. Самата порака е животна и универзална, неа секој може да ја сфати како му одговара, но едно е сигурно, таа е нашата реалност., што со секој ден го потврдуваме, дека сѐ е наш избор, па дури и судбината...

Наспрема песната “Црно и бело”, песната „Обои ме” носеше повик на креирање на еден поубав, сплотен и хуман свет? Колку сум во право?

Многу точно! Со таа песна, целиот тој албум, како да започна една нова ера во македонската поп музика... „Обои ме" донесе надеж и верба, особено меѓу младиот свет, но исто така и носталгичност кај повозрасните, за оние добри стари времиња...

Какви беа Вашите средношколските денови, што и каде учевте средно образование? - Моите средношколски денови ги поминав во средното музичко училиште „Илија Николовски - Луј", во Скопје, на вокално - инструменталниот оддел. Поточно, соло пеење и клавир.



Како ќе ги опишете години на средното образование, дали Ви недостасуваат?

-Јас имам прекрасни сеќавања на тие години. Бевме една луда генерација, со многу соништа, идеи и другарување. Не знаевме за себичност и се поддржувавме меѓусебно. Убави денови беа тоа... Имавме прекрасна матурска ноќ, која заврши со дружба до раните утрински часови во паркот...

Сте имале ли можеби некоја средношколска љубов која Ве поттикнала да пишувате повеќе песни или пак можеби Ве демотивирала?

-Да... Бев вљубена во еден Тони, кој што прекрасни свиреше клавир... Користеше „Паќули" парфем и секогаш по мирисот во ходниците на школото, знаев кога поминал... а кога ќе се сретневме, мислев дека срцето ќе ми излезе од гради. Не верувам дека постои послатка љубов од таа, средношколската.

Што би рекле за љубовта, верувате ли во неа?

- Љубовта е само збор, доколку не ја оживееме со постапки и дела. Доколку престанеме да веруваме во неа, сме престанале да живееме.



Со оглед на тоа што ние сме од Гевгелија, дали би можеле да изјавите нешто за нашиот град. Дали некогаш сте биле и каков Ви е впечатокот на градот и на граѓаните?

-Гевгелија е прекрасен град на југот. За мене е тоа градот на светлината, во Македонија. Луѓето во него се топли, срдечни, но исто така потполно посветени на животните случувања со особена концентрација. Таков е мојот впечаток, по неколкуте посети на овој убав град.

Новинар: Благица СТУПАР

1 view

Comments


bottom of page