top of page

Патописна репортажа

Вистинска чест и задоволство ни е да ви ја претставиме турнејата на Ансамбл „Бојмија“ во Босна и Херцеговина и Република Србија. Членовите од првата група и ветераните на Ансамбл ,,Бојмија’’ од Гевгелија беа поканети да учествуваат на два фестивала, едниот во Брчко, Република Српска и другиот во Шабац, Република Србија. Во вечерните часови на 04.04.2024 ja започнавме нашата турнеја. Утредента во утринските часови пристигнавме во Босна и Херцеговина и имавме чест да посетиме едно од најпознатите етни села во државата. Комплексот - Етно село „Станишиќи“ нѐ втурна во сплетот од природните убавини. Сините нијанси на езерото прелеваа искри од возбуденост во нашите срца. Глетката на преубавите градби нѐ прошета низ временската лента на истроските мигови. Ова место е вистинска бајка и мелем за сечија душа.



По кратката прошетка во Eтно село ,,Станишиќи’’ се упативме во градот Брчко кој се наоѓа во Република Српска. Овој град ни ги врежа сите белези на балканската култура и спомени. Вечерта на 05.04.2024 бевме дел од македонската вечер на фестивалот на кој настапивме со неколку кореографии, ,,Радовишки собор’’, ,,Пијанец’’, ,,Беломорски Бисер’’ ,,Лазаренки’’ и уште неколку други. Како и секогаш имавме можност уште еднаш да го претставиме сплетот на ситно извезаниот чекор на медонската култура. А, крајниот аплауз кој го добивме додаде в нашите срца уште една капка гордост, капка искуство и многу повеќе од среќа. На 06.04.2024 ја продолживме нашата турнеја во градот Шабац во Република Србија. Имавме можност да се прошетаме и да го разгледаме градот со прекрасна српска архитектура и култура и воедно родниот град на познатиот пеач Шабан Шаулиќ. Чекорите по поплочениот плоштад нѐ воведоа во пролетната приказна. А, попладнето, за првпат и ветераните настапија со кореографијата ,,Повардарие’’. Вечерта заедно со останатите учесници на фестивалот ја поминавме во одлична забава, смеа и дружба на вечерата која беше приготвена од страна на организаторите на фестивалот. Со звукот на музиката бевме воведени во светот на забавата, смеата и радоста. По одличната дружба, се упативме во Нови Сад кајшто и се сместивме.



Утрото го поминавме во прошетката низ плоштадот на Нови Сад. Можевме лесно да ги доловиме убавите глетки на старите културно-историски споменици кои водушевуваа со преубави стилови и детали. Ваквиот плоштад е наречен ,,Плоштад Слобода’’ и е познат по преубавата Римокатоличка црква која блеска од везот на скапоценоста. Во попладневните часови се упативме назад кон Македонија. Со тоа завршивме уште една од многуте незаборавни турнеи, а истата беше приказна на вистинската дружба, несебичната смеа и непроценливото искуство.

Патописец и фоторепортер: Андреј Димов

2 views

Comments


bottom of page