top of page

Почитта како важен фактор за одржување на какви било врски

Весна Папучиева

Второнаграден текст на Месец на книгата 2023


Луѓето постојано трагале по поудобен, поубав, полесен и пораскошен живот. Човечкото око е ненаситно а неговото срце неуморно во потрага по овие нешта. Низ вековите сè се менувало. Само една работа засекогаш ќе остане иста, а тоа се меѓучовечките односи кои секојдневно се одвиваат меѓу луѓето. За добра соработка помеѓу деловни партнери, соседи, брачни партнери, колеги, соученици и слично, потребно е да се изгради доверба и да се има почит кон лицата со кои сме секојдневно.

Почитта е најголемата човечка вредност и цивилизациска придобивка. На нејзина основа создаваме семејства, градиме и негуваме пријателства, соработуваме и комуницираме со останатите од светот. Љубовта и почитта се основни столбови за опстојување на човечкиот род. Замислете што би се случило доколку ние како поединци сме арогантни и самобендисани, без почит кон останатите луѓе, кон останатите религии, раси, нации, соученици, соседи, наставници...? Тогаш во светот би владеела анархија, би се вратило робовладетелството кога посилниот немал емпатија кон послабиот, би настанал општ хаос.

Сите филозофи, мудреци, етичари пропагираат на разбирање и толеранција меѓу сите луѓе денес, потпирајќи се на почитта како главен, основен столб на истото, бидејќи тоа е клучот на успехот на човештвото. Со заемна почит во семејството луѓето градат успешни семејства, со почит кон колегите и соучениците градат успешни фирми и училишта, со еден збор, мирот и спокојот царува секаде каде што е почитта. Со отсуство на истата, многу семејства се рушат, многу пријателства завршуваат и многу меѓудржавни односи се влошуваат.

Не постои религија во светот која не зборува за негување на љубовта, мирот, довербата и почит на различностите. Не постои наставник кој не ги учи своите ученици, студенти да се почитуваат меѓусебно и не постои добар лидер доколку не ги учи своите следбеници и вработени меѓународните односи да ги градат вез основа на доверба и почит. Со еден збор, почитта на човека му отвора железна врата! Иако знаеме колку е тоа важно, сепак добар дел од луѓето ширум светот и денес не почитуваат одредени нешта и поради тоа настануваат голем број проблеми во сите сфери на човечкото постоење. Доаѓаме голи на овој свет и без никакви материјални богатства, само со чиста душа. Со нашиот еволутивен развој сите ние по малку тежнееме по некој убав и мирен живот не обрнувајќи внимание на суштинските работи во животот (среќа, доверба, почит, љубов...) кои за среќа не се купуваат со пари!

Умираме без да понесеме ништо од она за што се бориме цел живот, освен наша скапоцена и „чиста“ душа. За да ја зачуваме чиста и со гордост да ја понесеме во вечноста треба да се запрашаме сите ние, што е поважно човечката душа и сите морални вредност кои се бесплатни или човечкото тело накитено со материјални блага? Јас секогаш би ја избрала и негувала душата затоа што материјалните работи се миговни, но духовните вредности Вечни!

26 views

Comments


bottom of page