top of page

РАКОМЕТОТ КАКО МОЖНОСТ ЗА ДОКАЖУВАЊЕ НА ТАЛЕНТОТ

Updated: Nov 28, 2023

Дознај повеќе!

Репортер: Благица Ступар


Васил Зајков е ракометар на Ракометниот клуб „Партизан“ од Гевгелија, а воедно и капитен на кадетскиот состав на клубот. Да се биде прв меѓу еднаквите е одговорност, но и предизвик за еден млад човек. Одвојте неколку минути и прочитајте за да го запознаете Зајков, но и да отворите нови видици за светот на младите, видици што ќе ви кажат дека денешното време знае да биде инспирација за секој.


Ступар: Од кога Зајков започна со ракометот, кој беше неговиот почетен чекор?

Зајков: Се запознав со ракометот во 2018 година откако станав член на ракометниот клуб „Партизан“. Желбата да тренирам, па можеби повеќе и да рекреирам беше почетната основа што ме натера да се занимавам со овој спорт.

Ступар: Кој ти беше најголемиот поттик за да продолжиш понатаму да тренираш и да се усовршуваат во ракометот?

Зајков: Поттик мора да постои, но и ако не постои, ако се има желба, треба да се најде вистинскиот мотив, а тоа е пред сè љубовта кон овој спорт и усовршувањето во него. Најголемиот помош, сепак,  за да продолжам и го усовршувам ракометот е поддршката и мотивацијата од моите тренери и соиграчи.



Ступар: Играш и за сениорскиот тим на РК „Партизан“ каде што добиваш голема минутажа и покажуваш одлични резултати. Дали тоа тебе ти претставува некој притисок или вид на стрес со оглед на тоа што играш со многу повозрасни и поискусни играчи?

Зајков: Благодарен сум што сум дел од првиот состав. За мене играта со поискусни играчи не претставува стрес, напротив, голем дел од моето ракометно искуство го стекнав со сениорската екипа. Играта е побрза, динамична и конкуренцијата е на поголемо ниво во Првата лига, исто така, овде се раѓа и желбата за да се биде подобар на теренот. Колку што повеќе напредуваш, толку повеќе ти се јавуваат нови, но и тешки предизвици. Ваквиот дух што го имам со сениорите постојано се трудам да им го пренесам и на помладите играчи кои секако, иако можеби малку и нескромно да се каже, но сакам да го пронаоѓаат својот мотив или можеби идол во повозрасните. Сепак ние младите учиме од нив.  

Ступар: Во моментот имаш повреда на раката, дали ова значи откажување од ракометот или само вид на пауза или опоравување?

Зајков: Спортскиот живот е комплициран. Секогаш се соочуваме со различни препреки па и со повреди. Сум имал и скршен нос, скршена клучна коска,  како и сега – скршена рака, но никогаш не сум се нашол во ситуација да размислувал да се откажам од ракометот. Со работа и мотивација ќе се вратам подобар и посилен на терените.


Ступар: Дали постои некој идол и коолку тој е твоја инспирација, твој мотив?

Зајков: Најголем идол ми е мојот тренер Ристо Узунчев, бидејќи неговото разбирање на играта е на високо ниво.

Ступар: РК „Партизан“ е твој прв матичен клуб, што би рекол повеќе за него и кој се амбициите што тој ги има?

Зајков: Па за РК „Партизан“ ќе кажам дека е клуб кој многу размислува за  иднината на младите и гледа во нив голем просперитет. Иако не се наоѓа во горниот дел од табелите во лигите, секогаш гледа на позитивното, а тоа е можеби добро, затоа што чекор по чекор ги усовршуваат  играчите.

Ристо Узунчев како наш тренер што има играно во многу македонски и странски  клубови како што се РК „Борец“, РК „Пелистер“, „ПАОК“ Грција ,РК „Младост“ и други, многу ни се посветува и ги гледа нашите  потенцијали, трудејќи се заедно со тренерот Зоран  Кајтазов да го  пренесат нивното знаење на нас. Во оваа насока морам да ја истакнам и поддршката на постарите и поискусните играчи како што се Сашко Динев, Ѓорги Костадинов, Дине Маренчев, Горан Лисичков, Славе Џалев  и други. 

Ступар: Во иднина како се гледаш себе си и кои се твојте  планови и соништа?

Зајков: Моите амбиции се да играм Лига на шампиони и еден ден да го ставам дресот на „Киел“.

Ступар: Се гледаш ли еден ден како тренер ,судија или пак нешто друго поврзано пак со ракометот?

Зајков: За жал не, сè уште не се гледам во тоа, но не знаеме што ни носи иднината така што не можам да кажам за сигурно.

384 views

Comments


bottom of page