top of page

Скришна глетка

Виолета Чугунцалиева

Првонаграден текст на Месец на книгата 2023

Конкурс од ЈОУ - Библиотека „Гоце Делчев“ - Гевгелија


Секој човек живее со своите претпоставки и очекувања за животот и иднината. Раѓањето кое би требало да го сметаме за најголемиот благослов од Бога, и тоа што сме овде на земјата искусувајќи сè што ни нуди животот, всушност ние луѓето го сметаме за нешто најсекојдневно, наједноставно.

Среќа, љубов, задоволство - се чувства кон кои секои  поединец цели, се труди да ги пронајде не знаејќи дека тие се веќе во неговата душа скриени. Трудејќи се да пронајдеме љубов во денешниот свет се губиме самите себе си, трудејќи да ја докажеме нашата вредност пред луѓе кои не ја гледаат ни својата, ја губиме сопсвената искра, својот дух.

Трудејќи се да излезеш од темнината која сам себе си, си ја нанесуваш со тоа што сакаш да бидеш забележан и прифатен од околината, губиш дел од себе, дел од својата личност за оние кои те презираaт во моментите кога  е тешко, кога со сета љубомора те гледаат во твоите најсреќни моменти и во првата прилика сакаaт да ја рушат таа среќа.

Тага, нервоза, предавство - чувствата кои ги чувствуваш  во поголемиот дел од својот живот. Кога си во годините на цутот се вљубуваш, уживаш во моментот мислејќи дека ќе трае вечно, во едниот момент се чувствуваш  најсакана личност, во следниот момент веќе солзите се леат по твојот образ, чувството на болка и предавство кружи по твојата крв, но болката се засилува кога сфаќаш дека е нанесена од личноста што до пред некој момент правеше да се чувствуваш како најсакана.

Предавство, тага, нервоза - сè што чувствуваш. Но, сепак не се откажуваш, размислуваш со часови зошто токму личноста што ја чувствуваше како најблиска, е сега најдалечна. Дали си ти проблемот? Што треба да направиш за да ја вратиш таа личност? Но во овие моменти  најголемото прашање е - како да ја намалиш болката, чувството на предавство што тече во крвта. Сè што можеш да видиш кога ги затвораш очите се вашите моменти, поминати во среќа и единствено се прашуваш дали биле вистински?

Одејќи по патоказот на животот, не внимавајќи на знаците кои те предупредуваат дека крајот е близу, твојот интерес е свртен кон случувањата во животот, сè до моментите кога отворањето нови врати станува тешко, и за минута се наоѓаш на еден балкон седејќи со бастун до тебе, гледајќи во детелините и цветовите кои проникнуваат во градината на твојот дом.

Негирање - ново чувство што се преплетува во твојата душа. Негирање дека на животот полека но сигурно му доаѓа крај. Повторно ги затвораш очите, но сè што гледаш сега се сеќавања. Сеќавањата од најмладите случувања, и се раѓа ново чувство на непријатност во моментот кога ти поминуваат сите моменти во кој си се трудел да ја докажеш својата вредност, кога си се трудела да сфатиш зошто најблиските личности во еден момент стануваат најдалечни.

Се јавува чувство на мир во тогаш кога се прифаќаш себе како личност, и не се трудиш повеќе да ги сфатиш останатите. Животот е најголемиот дар од Бога кои може да го добие човек. Но како ќе го доживуваме тоа е наша одлука.

214 views

Comments


bottom of page