АДВОКАТОТ И КАЛИНКАТА

Новинари: Лили Митрова и Марија Атанасова

Потребно ни е општество во кое секој ќе си го добие тоа што го заслужува, правичност на сите полиња, да не постои селективност во општеството затоа што секој еден е важен за општество.

Која е Лејла Рајкова? Кој беше пресудниот момент во животот да станете адвокат?

Средно училиште започнав да учам во СОУ “Јосиф Јосифовски”- Гевгелија, а веќе наредната година се отвори средно училиште во Богданци кој во тоа време беше под СОУ “Јосиф Јосифовски”- Гевгелија. Тоа беа многу убави средношколски години на кои и ден денеска се сеќавам. Кога завршив средно не се двоумев многу, Правниот Факултет во Скопје беше моја единствена желба. Правото и правдата се она што јас сум го сакала и сум се залагала отсекогаш. По завршувањето на Правниот факултет веднаш почнав со волонтирање во aдвокатска канцеларија во Скопје за да во 2012 година го положам и правосудниот испит. После тоа уште извесен период работев во aдвокатската канцеларија во Скопје. Во меѓувреме завршив голем број на обуки од областа на правото. Адвокатурата е многу убава професија, благородна професија со која им помагаме на луѓето во решавање на нивните проблеми. Не може да се опише чувството кога на вашиот клиент кој e во секој случај неука странка која бара помош од вас, вие му помогнете и го решавате проблемот кој го има. Адвокатот учи додека е жив, никогаш не престанува постојано треба надградба и учење, затоа што промените се секојдневни. Подоцна се запишав на Последипломски студии на Факултетот за безбедност Скопје насока Криминалист. Изработаката на мојот магистерски труд е во тек и се надевам дека наскоро ќе станам Магистар по криминалистика.

Освен како адвокат работите и на Вашите плантажи со калинка и продавате. Кога Лејла наоѓа време за сето ова?

Во нашиот град Валандово кој е познат најмногу по калинката и смоквата, речиси секој работи земјоделие без разлика дали е адвокат, доктор, директор, сите имаат свое земјиште кое го обработуваат, многу ретко некој во Валандово да нема калинка. Па, нели, Валандово е градот на калинката. Поубава калинка блага, сочна, црвена нема никаде. Јас цел живот се водам со една парола: „Ако се сака сè се може”, не  е лесно, не е едноставно, на моменти напорно и неиздржливо, многу голема жртва за да можеш да успееш, но на крај сè се исплаќа во животот.

Овие две професии се различни, но Вие сте добар пример за човек кој кажува дека секоја работа е вредна и човек треба да се навикнува на сè во животот. Дали имате посебна приказна за првата калинка што ја продадовте?

Мојата посебна приказна започна во времето на Ковид кога почнавме со правењето на домашни слатка по рецепти на нашите баби, како што едно време правеле, тоа е традиција која нашите баби секоја година го правеа а на која ние како деца се радувавме, што за жал со годините почна да згаснува. Порано кога дома ќе ви дојдеа гости секој ќе ве пречекаше со домашно слатко – мирис и вкус нема цена. Првото слатко кое го продадов и коментарите кои што ги добив беа толку силни и моќни што ме мотивираа да продолжам понатаму. Калинката исто така се активираше и доби на високо значење во период на Ковид пандемијата, затоа што калинката е едно од најздравите, најубавите и еколошко органско овошје. Сокот од чиста калинка кој го прави секоја куќа во нашиот град е исто така многу  здрав, полн со витамини и бенефити за здрвјето на човекот. Иднината е во калинката а Валандово е град во кој успева калинка, треба да бидеме среќни и благодарни за тоа што природата ни го дава.

Како се чувствувавте тогаш?

Како што реков коментарите на клиентите беа повеќе од позитивни, но и јас како личност која постојано истражува, учи се надоградува, создавав многу нови вкусови кои не може да ги пронајдете никаде на друго место, оригиналноста, мојата упорност растеше од ден на ден.

Што е она што најмногу го цените во животот и што би сакале другите да знаат за Вас преку Вашата работа?

Живееме во многу тешко време, човековите вредности се подзаборавени но јас се трудам да останам пред сè човек, искрена, праведена и добронамерна во своите постапки. Многу е важно да го сочувате вашиот углед, авторитет и интегритет затоа што една погрешна постапка многу може да ве чини во животот. Потребно ни е општество во кое секој ќе си го добие тоа што го заслужува, правичност на сите полиња, да не постои селективност во општеството затоа што секој еден е важен за општество. Ако немаме земјоделци ќе немаме храна, ако немаме сточари ќе немаме млечни производи, ако немаме архитекти ќе нема кој да гради, ако нема наставници ќе нема образование, ако нема работници ќе нема стопанство… значи секој еден е важен во ова општество и на секој треба да му се даде шанса за почеток. Јас не се откажувам одам понатаму со уште многу нови идеи и зацртани цели за уште поголем успех во иднина.

Како Ве менува интеракцијата со луѓето на пазарот во споредба со клиентите во судницата?

Судницата е место каде се борам и давам се од себе за клиентот кој го застапувам. Клиентите се најважни за мене секогаш сум искрена и директна во моите настапи, работите ги кажувам секогаш директно без задршка, затоа што сметам дека искреноста е многу важна кога на својот клиент искрено и директно ќе му објасните како навистина стојат работите. Но, јас како адвокат треба да изнајдам решение кое е најдобро за мојот клиент во дадената ситуација. А интеракцијата со луѓето на пазарот е исто така директна и непосредна, едноставно ме исполнува работата што си ја работам и на двете полиња, секојдневно учам нешто ново, споделуваме искуства и се трудам на крајот од денот да биде сè позитивно.

Ако имате можност да им оставите порака на помладите генерации, што би сакале да им кажете?

Имам многу што да им кажам, но најважно од сè е да знаат дека животот е постојана борба, никогаш не треба да се откажуваат од ништо доколку нешто сакаат, можеби треба малку повеќе да се потрудат но откажување никогаш, само човек кој се откажува не успева во животот. Да изградат цврст карактер кој ќе им биде многу силно оружје низ животот. Да учат, да се надоградуваат затоа што знаењето никој не може да ви го земе. Да бидат мудри затоа што само мудри луѓе носат добри одлуки во животот. Да изградат свој став и да си останат доследни на самите себе . Угледот, авторитетот и интегритетот мора да го зачувате. Бидете свои, единствени, упорни и истрајни. Вашиот личен успех е ваше најголемо богатство.

Како изгледа еден типичен ден во Вашиот живот?

Мојот ден зависи прво за кој временски период зборуваме, зимскиот период е малку порелаксирано, но од почеток на мај месец, па речиси до Нова година е исполнет максимално. Понекогаш и денот ми е мал за сите работи кои што треба да ги завршам. Адвокатската канцеларија работи секојдневно во нашиот град Валандово во работни денови. Еве сега е периодот на калинката па така што секојдневно после работа се спрема сок од калинка, се прави слатко од овошјата кои ги има овој период: дуња, тиква, киви, постојано има работа ако се има желба за работа. Мене не ми е проблем да работам едноставно уживам и ме исполнува. Физичката работа го исполнува човекот, го задоволува телото на човекот, а ја наградува душата со смиреност. Па дали има нешто поубаво од тоа денот да ви заврши со некое приготвено домашно слатко кое ќе ве потсети на некои убави времиња.

Scroll to Top