Животот е маратон

Новинар: Сара Јованова

Атлетичар, некогашен фудбалер, велосипедист, но пред сè професор по Спорт и спортски активности во гевгелиската гимназија – Влатко Семенаков.

Како започнавте да се занимавате со спорт? Што Ве инспирираше?

Уште од најмала возраст се занимавам со спорт. Mојата прва награда во животот е од aтлетика – освоено трето место во петто одделение. Сè започна оттука, а потекнувам и од спортско семејство, така што од кога знам за себе знам и за спортот.

Имаше период од животот кога малку  стивна страста спрема спортот, период кога се школував Магистрирав за професор по Спорт и спортски активности, потоа формирав семејство. Во една таква ситуација спортот падна во втор план. Меѓутоа цело време во мојата крв течеше порив за нови предизвици, да се афирмирам и да поттикнувам други околу мене да се вклучат активно во спортот заради повеќе причини, а најмногу заради психофизичките бенефити. Од таа причина навлегов во повеќе проекти, а не само Атлетика. Станав тренер и работев со деца во тенисот, а во последните неколку месеци активно се вклучив и како тренер во атлетика.

Најголема инспирација дојде по самото формирање на Атлетскиот клуб „7 Ноември“. Тогаш детално се запознав со тоа како функционира светот на атлетиката, почнав активно да се вклучувам во трките организирани како во државата така и надвор од неа. Имав можност да запознам врвни спортисти од атлетиката кои сами по себе се инспиративни.Исто така инспирацијата ја влечам од членовите од нашиот матичен клуб, додека најголема инспирација влечам од моето потесно семејство, така што сакам во иднина да им бидам пример на моите деца!

Што значи професионализмот за спортот, професионализам во атлетиката?

Професионализам значи дека со атлетиката можете да си  го обезбедите својот економски живот. За жал професинално со атлетиката и велосипедизмот во Македонија многу малку луѓе се занимаваат, така што јас професионално сум вклучен во образовниот систем на нашата држава како професор по физичка култура. За жал, со атлетиката и велосепедизмот се занимавам аматерски и рекреативно и во такви услови сум многу задоволен со постигнати резултати. А дека имам афинитети кон овие дисциплини е неспорно, тоа го покажуваат резултатите кои се постигнати до сега, можностите за напредок се тука, но мора да се признае дека  сум лимитиран со оглед на годините. Затоа мој најголем ангажман ќе биде во иднина да ги откривам талентите од рана возраст и да ги насочам кон нивното максимално напредување!

Кој е Вашиот најголем успех?

Мојот најголем успех во животот е моето семејство, моите синови, мојата сопруга и прекрасните родители. Денес најголем успех е да се биде во хармонично семејство и да се менаџира еден таков колектив. Од децата да создадете квалитетни луѓе, воспитани по морална и етичка форма. Што се однесува до атлетиката и велесипедизмот имам застанато неколку пати на подиум, имав можност да се натпреварувам со спортисти кои значат нешто во тој професионален живот, што за мене беше огромно искуство и се здобив со нови знаења. Од особено значење ми е успехот во областа на ултрамаратонот и учеството на Баќардот каде успеав да се надминам себе си. Минатата година за прв пат истрчав повеќе од 100 километри, за ова година тоа да биде нешто малку повеќе од 120 километри и активно трчање од 16 часа. Чуството после еден ваков настан е незаборавно и доказ дека за човечкото тело не постои ништо невозможно!

Што би сакале да постигнете во кариерата што уште не сте успеале?

Најголема желба и план ми е да учествувам на ИРОНМАН тоа е Триатлон 2 километри пливање, 90 километри велосипед  и 21,098 километри трчање што се одржува во Грција – Атина.

Како гледате на спортот во Гевгелија, каков спорт, воопшто, негуваат гевгеличани?  

Развојот на спортот во Гевгелија е како и во цела Македонија. За да се развије спортот потребни се две компоненти – едните се финансии, а другата е ентузијазмот на челните луѓе кои го водат спортот. Не ретко успешни приказни излегуваат и без финансии, очигледен е примерот со нашиот Атлетски клуб „7 Ноември“, каде без сопствени средства успеавме да поттикнеме млади луѓе да се занимаваат со атлетика, а тоа е резултат од трките кои нашиот клуб ги организираше. November Run стана препознатлив бренд во Македонија и во регионот. Младите идни спортисти имаа уникатна можност да видат елитни тркачи, кои се воедно и голема инспирација за нив. Во една таква клима општината успеа да го препознае интересот на оваа група граѓани и активно учествуваше и се залагаше за изградба на атлетска патека која највероватно до крајот на годината ќе биде реализирана од страна на Министерството за спорт на Македонија.

Кој се Вашите најомилени и најголеми успеси ?

Пред сè морам да напоменам прва најомилената трка во животот што ми била е во петто одделение, трето место крос-трчање организирана на ридот „Динќот“ организирана од Општина Гевгелија, трки на еден километар што беа организирани за ослободувањето на Гевгелија 7 Ноември, два пати сум бил второ место еднаш трето место. Домашната трка на 5 километри  ми е исто така една од најомилените „7 Ноември“ – празникот  во Гевгелија освоено второ место, петто место меѓународно, а државно второ место со истрчани 120 километри за 15 часа за 38 минути. Одбојка на меѓународен турнир – второ место, пикадо меѓународен турнир – прво место, велосипед – офф роад две втори и едно трето место, триатлон, ултрамаратон 107 километри – трето место меѓународно, Грција-Солун на 9 километри освоено прво место. Прво место во Солун на 5 километри во категорија, второ место во Грција на 15 километри, шпринт на 50 метри во Охрид државно првенсто трето место, Скопје на 5километри второ место, Врањее Србија – второ место на 5километри и две години учествувам за меморијалниот маратон за Тодор Проески  од Нова Градишка до Крушево кој што се трча два ипол дена со мали паузи.

Дали ви беше тешко да трчате од утро до мрак?

Нормално дека ми беше тешко планинското трчање организирано од Пунк’с Баќард Ултра истрчени 120 километри за 15 часа и 38 минути на Меѓународен ултрамаратон за издржливост. Мислам дека нема друг што има толку истрчано  во нашиот регион, а самото тоа ми даде сила и волја да одам до крај, иако имав болки во мускулите без разлика што на секој час имавме мала пауза од 4 до 5 минути. Чувството не се опишува.

Тренизите бараат константност,тоа значи дека треба барем три до четри пати неделно да се тренира, најоптимално е да се тренира секој ден! Меѓутоа бидејќи не се занимавам професионално со атлетика, тогаш од тоа слободно време го извлекувам максимумот кој ми е на располагање. Слободно време за тренинг имам многу малку, бидејќи покрај секојдневниот ангажман како професор во средното училиште СОУ „Јосиф Јосифовски“, по двапати неделно одржувам  тренинзи на детски категории во тенисот и атлетиката, не ретко се случува доцна навечер да истрчам тренинг според предвидената програма или кога ќе се укаже прилика за тоа! Моментално трчам според дадена програма од професионален планер!

Еден од врвните приоритети е да се здобијам со поголема брзина и  да го подобрам своето најдобро време на 5 километри!

Учествувате ли на секоја трка која се организира во нашиот регион?

На секој маратон или трка е невозможно да се учествува затоа што се многу, но затоа внимателно одбирам на кои трки би учествувал, тоа се трки кои се примамливи за мене или носи голем предизвик. Не случајно учествувам во трки со широк распон на категории без разлика дали се работи за пократки или ултрамаратонски ако носат некое ново искуство! Сè додека гори тој оган во мене да се натпреварувам со луѓе на кои им е тоа определбата да се бават со атлетика ќе одам на учества колку и да носи цена за наплата!

Кој е Вашиот совет до младите?

Совет до младите е да бидат пред сè добри луѓе, да имаат визија што би сакале да прават со својот живот, да имаат волја и страст кон тоа што го прават, а јас сум тука да им помогнам тоа во животот и да го остварат.

За секој успех треба доста жртва и дисциплина во смисла да се води здрав живот, тука се вклучува цел мозаик на одредено однесување каде значајна улога заземаат секојдевните обврски, исхрана, хидратација, помалку ноќен живот, апстиненција од алкохолот и другите пороци, а најмногу да ги слушаат своите родители!

Вашата порака до нашите читатели.

Да не звучи како флоскула меѓутоа моите искрени желби се како изречени од устата на една мисица на светот, пред сè да се живее во мир и толеранција, почитта кон различно размислување и пред сè уважување на секој човек без разлика на неговата општествена, класна, расна или етничка припадност. Секогаш сум се управувал со мотото „не му го прави на другиот, што не би сакал да ти го прават тебе“. А филозофијата која ме води е „ Во здраво тело здрав дух“!

Scroll to Top