Мајлс Хауард – кошаркарот кој ужива во Гевгелија

Новинар: Софија Стојанова

Мајлс, те гледавме на теренот и сме воодушевени од твојот талент. Што те инспирираше да станеш кошаркар? Како започна со кошарката? Дали имаше одреден момент или настан што те натера да го следиш професионално?

Постариот брат ми беше голема инспирација за да станам кошаркар. Кога бев мал, секогаш го гледав како игра кошарка со неговите пријатели и како помал брат секогаш се обидував да го стигнам, но безуспешно, додека не пораснав. Трчањето по него и желбата да бидам како него ме инспирираше да станам кошаркар. Не би рекол дека имаше одреден момент што ме натера да го следам професионално, но секогаш знаев дека тоа е можност. По завршувањето на мојата последна година на колеџ, неколку агенти стапија во контакт со мене и тогаш можноста да играм професионално стана реалност.

Кого би го нарекол свој идол во животот?

Моите идоли се моите родители. Тие направија огромни жртви за да бидам во позицијата во која сум денес, и јас сум им многу благодарен. Нивната работна етика, грижливата природа и другите одлични квалитети ме инспирираа да бидам како нив и да водам успешен живот.

Кој е твојот краен стремеж во кошаркарската кариера?

Мојот краен стремеж во кошаркарската кариера е да играм во Јапонија еден ден. Фасциниран сум од Јапонија и доколку можам да играм таму, верувам дека ќе бидам многу задоволен од тоа како завршува мојата кариера.

Сега играш за Кожув. Дали ти се допаѓа тука, дали добро се сложуваш со твоите соиграчи и кои се твоите омилени моменти?

Да се биде тука во Гевгелија е многу поинакво од она на кое сум навикнат, но ми се допаѓа бидејќи убаво сум прифатен. Навистина уживам играјќи со сите мои соиграчи, а сѐ уште немам омилени моменти, но сигурен сум дека како што ќе продолжиме да победуваме, ќе ги создадеме тие моменти заедно.

Додека растеше, дали кошарката секогаш беше твојата страст и сон или имаше друг план за твојата идна кариера?

Додека растев, кошарката не беше секогаш мојата страст. Сакав да бидам морски биолог во еден момент, а потоа сакав да бидам дизајнер на видео игри. Сепак, кошарката секогаш беше дел од мојот живот, па никогаш не можев да се разделам од неа. Со текот на времето сфатив дека ја сакам оваа игра, и затоа стана мојот план за иднината.

Знаеме дека си играл за други тимови и си патувал во други земји. Кој момент би го издвоил како пресвртница во твојата кариера?

Би рекол дека пресвртницата во мојата кариера беше во првата година во Хрватска, каде што имав некои од најтешките тренинзи што некогаш сум ги доживеал. Си реков дека ако можам да го издржам тој тежок период, можам да издржам секаде. Во тој период, љубовта кон играта навистина ми се колебаше, но излегов подобра личност со многу подобра работна етика.

Каква е твојата рутина пред натпревар, и ментално и физички?

Мојата рутина пред натпревар започнува додека сум сѐ уште дома. Обично се будам и правам утринска мобилност од околу 10 минути, а потоа следува сесија за медитација од 10-15 минути. Откако ќе дојдам во салата, читам белешки што сум ги напишал за себе за претходниот натпревар. Потоа правам истегнување и вежби, ова го правам пред секој натпревар.

Која е твојата најголема сила како играч и на кој аспект од твојата игра постојано работиш за да го подобриш?

Најголемата сила како играч ми е дефанзивната способност, поточно, способноста да блокирам удари. Аспектот на кој постојано работам за да го подобрам е шутот однадвор и конзистентноста при шутирање.

Како се справуваш со притисокот во напнати ситуации за време на игра? Имаш ли стратегии за да останеш фокусиран во стресни моменти?

Се справувам со напнати ситуации така што се фокусирам на моето дишење. Тоа ми помага повторно да се фокусирам на играта и да ги блокирам надворешниот шум и негативните мисли. Бидејќи сум бил во многу стресни ситуации, веќе сум навикнат на нив и им дозволувам на инстинктите да преземат. Сѐ додека умот ми е чист од сомнеж и можам да се фокусирам на дишењето, можам да се справам со секоја ситуација.

Која е најголемата лекција што си ја научил низ твоето кошаркарско патување?

Најголемата лекција што ја научив е колку е важно да се работи и паметно и напорно. Оваа комбинација ми овозможува да напредувам, бидејќи доколку работиш само на едниот начин, без да работиш и на другиот, води до полоши резултати.

И за крај, како ти се допаѓа Гевгелија? Што би издвоил како нешто што те фасцинира за овој град?

Си поминувам убаво тука во Гевгелија, затоа што ми дозволува да бидам свој. Навистина уживам во храната, како што се ќебапите и плескавицата. Покрај тоа, многу ги сакам пекарите и има толку многу нови работи што можам да пробам, што никогаш претходно не сум ги пробал.

Scroll to Top