Тамара Дронова е ученичка запишана во здравствената струка во СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија. Доаѓа од Богданци и желбата да го учи тоа што го сака не ја спречува секојдневно да патува, без разлика низ што сè поминува во текот на учебната година. Нејзиниот еднодневен патопис е секојдневие на многу ученици.
Тамара Дронова
Секое утро има свој предизвик, мисла и приказна. Секое мое утро е посебно, но посебно на свој начин. Се обидувам да ви кажам дека ние, учениците од населените места, малку поинаку го живееме денот од оние ученици кои имаат училиште во своето родно место. Секој од нас, којшто доаѓа од друго место патува. Патувањата до училиште не секогаш се едноставни. Но на крајот од денот упорноста ја достигнува својата цел.
Наставата во училиштето започнува во осум часот. Будилникот ѕвони рано. Стануваш, и се тркаш совремето, а победникот мора да бидеш ти. И во одот, во чекорот од дома до автобуската станица знаеш дека минутите ти се измерени, секундите ти пресудуваат, но нели пак сите го живееме животот, можеби секој различно, но секој за свој сопатник го има времето.
Потребно е да стигнам до автобуската станица каде го чекам автобусот за Гевгелија. И конечно кога се качувам во автобусот здивнувам, ги одморам мислите или можеби на кратко патувам во иднината на денот – каков ќе ми биде училишниот ден. Патот во автобусот понекогаш е напорен, посебно во студените зимски утра или кога времето е непредвидливо, променливо, врнежливо или можеби жешко, загушливо тешко.
Ама сепак, се радувам затоа што погледот од прозорецот ми го нуди пејзажот нацртан со планини, полиња и мали куќарки кои ти зборуваат дека и таму некој се бори со времето.
Понекогаш можеби сум поспана, но будењето одѕвонува со секојдневниот сообраќаен метеж во Гевгелија.
Нов ден, нови лекции, средби со другарите.
На училиште се среќавам со другарките и наставниците, се вклучувам во активностите. Секој предмет ме предизвикува. Иако може ми е потребно повеќе време за патување, го ценам времето поминато на училиште и пријателствата кои се создаваат таму.
Но денот не завршува со завршувањето на часовите.
Додека учениците се радуваат на некој изгубен час, за нас, кои доаѓаме од други населени места, губењето часови знае да биде здодевно, понекогаш мачно затоа што ви останува време кое треба да го пополните со чекање на автобусот за да се вратите дома.
Во моите размислувања, патот кон дома се чини дека трае предолго, напнатоста, уморот и нетрпеливоста си го прават своето. Но животот е таков, мора и во такви случаи да ја наоѓаме позитивната страна на животот.