Новинар: Благица Ступар
Атанасовски и Костадиновски познати како дуото Тино и Атанас за Медиумскиот клуб ЈОСКА порачуваат дека смеењето е природен лек што не се купува во продавница.
Тино и Атанас, Атанас и Тино, што е подобро или како е правилно?
Атанас:
Едноставно луѓето полесно го памтат името Тино а за другото им треба две три секунди… Инаку Атанас и Тино.
Тино:
Порано бевме Атанас и Тино, сега сме Тино и Атанас. Тоа е еден вид upgrade на франшизата. Инаку не е многу важно името… како што сите знаеме.
„Дуетот“ кој руши бариери, создава иднина, „краде“ насмевки, но и воздишки. Како дојдовте до идеја да работите заедно?
Атанас:
Едноставно театарот ни даде прилика да играме заедно. Тој нѐ создаде да бидеме тандем.
Тино:
Идејата е на Атанас, ми рече мора да работиме нешто. Јас му реков ајде. Ми рече: „дојди утре камионот на вујко ми да го растовараме“. Не дојдов, се успав…. останатото е историја.
Како Тино, а како Атанас застанаа на театарските штици? Дали беше тоа желба или љубов од детството или судбина?
Атанас:
Мене ми е љубов од детството. Само тоа сакав да бидам! Немав друга опција!
Тино:
Јас не знаев што да продолжам после средно. Ми рекоа камера е топ за тебе. Отидов, таа година немаше камера, имаше само глума да запишеш. Немав други опции.
Какви беа средношколските денови на Атанас и Тино?
Атанас:
Истражувачки пред сѐ и себеспознавачки. Нова средина, прилагодување, адаптирање, заљубување ко глуп и дојде време за на факултет.
Тино:
Еден од поубавите периоди, не најубав да се разбереме. Средното искрено многу ми помогна во социјализација пред сè, прифајќајќи ги различните карактери на луѓето откриваш нешто и за себе. Не бирај со кој ќе се дружиш, дружи се со сите, најмногу ќе научиш за себе.
Нашата публика се младите од средношколските клупи. За нив ќе биде интересно да ни кажете кои моменти ви останале во сеќавање од вашето образование? Може ли да се издвојат посебни моменти?
Атанас:
Секако сите ситуации со соученикот кој седи до тебе. Симпатијата во другиот ред. Спремноста и неспремноста за одговарање. Тремата во недела.
Тино:
Мене екскурзиите секогаш ми биле хит, кафињата кога бегаш од час, стравот од дома ако дознале дека си избегал. Еднаш направивме танцова група само од мажи за да губиме часови, се испостави дека е супер концепт, игравме на патронат 12 другари, умревме од смеење цело школо. Баш сакам да видам снимка од тоа.
Театарот е местото кое најверојатно ви е втор дом. Која е енергијата што ја давате на театарските штици, а која на стендап настапите?
Атанас:
Нема разлика секогаш пробувам да бидам посветен во тоа што го правам. Да се забавувам пред сѐ јас.
Тино:
На стендап е малце по опуштена атмосфера се пие, се јаде, се пуши, се зборува со изведувачот, што и самото бара поголем фокус и енергија од театарот, кој пак бара посебен фокус и енергија, што е малку поразлична од таа на стендап. Би рекол подеднакво се тешки и двете форми и физички и енергетски.
Што би им порачале на средношколците, дали професијата што ја имате е вистински избор за талентираните ученици?
Атанас:
Секој треба да си го најде својот пат.
Тино:
Талентот е филозовска единица мерка. Работата, е тоа што оваа професија го бара. Уметноста сама по себе е волшебен свет поубав од било кој друг свет, многу поубав, а парадоксално многу сличен како реалноста во која живееме. Уметноста ти дава пристап до него. Секаков тип на уметност е вистински избор за секој човек.
Вие сте едни од ретките што ги полнат постојано салите низ земјава. Последните три едноподруго одиграни стендап настапи на „(Нат)просечен Македонец“ го докажа тоа. Колкава е одговорноста, но каков е и предизвикот?
Атанас:
Пред некој ден додека играв на сцена сфатив дека е полна салата и сите се среќни, во главата ми помина мисла дека треба да сме најисполнети поради тоа дека не постои поголем комплимент од аплаузот на крајот! Предизвикувачки е секако, бидејќи одговорноста е поголема со поголем аудиториум!
Тино:
Предизвикот е право пропорционален со одговорноста. Поентата секогаш е сите убаво да си поминеме, среќни и со можност, со по некое поставено прашање во глава. Нашите стендапи се едукативни, исто така. Тоа значи одговорност и предизвик во исто време.
Сте биле ли во Гевгелија? Каква е Гевгелија за вас?
Атанас:
Баба ми беше од гевгелиско… Ме носеше често.
Најубавите луѓе живеат таму, смислата за хумор што ја имаат гевгеличани и погледите кон секојдневието се нешто што никој друг во државава го нема. Би сакал да се преселам во Гевгелија!
Тино:
Топла, во секоја смисла на зборот, и реално и душевно.
Вашите пораки до младите.
Атанас:
Што и да правите правете го до крај!
Тино:
Не им верувај Ахиле на Данајците кога дарови ти нудат.