Како до СУПЕРУЧИЛИШТЕ

Новинар: Викторија Тодорова

Адријана Џинова и Јасмина Јанишлиева  се професорки по англиски јазик и  општествени науки во  СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија. Тие се залагат  за модерно образование и за таа цел учествуваат во проекти и програми за подобрување на образовниот процес.

Во периодот од од 25 до 28 септември 2024 година во Врњачка бања, Србија присуствувавте на обука за наставници  за вториот циклус на програмата Суперучилишта. Кој е организатор на програмата Суперучилишта и која е целта на оваа програма?

Андријана Џинова: На оваа обука бев јас како прв координатор на проектот организирана од страна на RYCO – Регионална канцеларија за младинска соработка, Европската Унија, GIZ и Германската влада . Целта на оваа програма е градење мир и меѓукултурното учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници.

Кои аспекти од образовниот процес беа разгледани на обуката?

Андријана Џинова: Обуката се организираше со цел наставниците – координатори на проектот да  се стекнат со вештини и знаења за успешна размена меѓу партнер училиштата. Обуката беше поделена во неколку фази.

Прва сесија – запознавање со Програмата на RYCO – Суперучилишта, тематски проритети, улогата на наставникот и процесот на учење, Митови и Вистини за образовниот процес.

Втора сесија – Трансформација на културата на насилство во култура на  мир во образовниот процес .

Трета сесија – Важноста на наставникот во животот на децата и младите

Четврта сесија – Личен и групен идентитет и вредности

Петта сесија – Спортот како важен дел од развојот на младите

Исто така се одржаа и неколку предавања за изработка на агендата за размена и финансиски буџет за истата.

Кои се Вашите впечатоци од обуката? Што Ви се допадна најмногу?

Андријана Џинова: Обуката беше навистина интересна и добро организирана. , Беа опфатени сите аспекти за успешна реализација на размената меѓу училиштата со цел градење на меѓукултурен дијалог и разбирање. Тоа што ми остави посебен впечаток е соработката која беше остварена меѓу мене и координаторот на нашето партнер училиште од Јабланица, професорката Ерна Мачиќ. За време на обуката координаторите од партнер училиштата соработуваа заедно цело време со цел да биде успешна размената. Исто така се разменија мислења и искуства со други координатори од училиштата од Западен Балкан ( Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово, Црна Гора).

Каква е улогата на наставникот-координатор во програмата  Суперучилишта и како таа улога може да влијае на успешната размена меѓу партнер училиштата?

Јасмина Јанишлиева: Улогата на наставникот – координатор е клучна во размената, бидејќи сите активности при размената ќе се имплементираат од наша страна, во соработка со локалните заедници а заедно со учениците од двете училишта. Агендата за проектот е изработена од страна на координаторите со поддршка од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и секако голема поддршка од страна на директорот Александар Делиџаков и Општина Гевгелија.

Какви конкретни акции или активности планирате да спроведете во училиштето како резултат на стекнатите знаења од оваа обука?

Андријана Џинова: Самата обука беше клучна за да може да се пристапи кон изработка на агендата при тоа земајќи ги во предвид сите аспекти на проектот и целта на размената. Размената меѓу нашето училиште и партнер – училиштето СУ Јабланица од Јабланица , Босна и Херцеговина би се остварила во првата половина на 2025 година. Сите активности (работилници ) ќе се реализираат во нашето училиште, како и  посети на значајните знаменитости во нашиот град и локални компании.

Какви се вашите очекувања за идната имплементација на програмата Суперучилишта во училиштето?

Јасмина Јанишлиева: Проектот ќе се фокусира на градење мир за да се истакне еднаквоста и вредноста на сите луѓе со цел сите членови на општеството да бидат препознаени и способни за трансформација. Методи како што се играње улоги, раскажување приказни, цртање, групна работа, демонстрации и дискусии ќе се користат за истражување на концепти како негативен и позитивен мир, внатрешен мир и градење мир. Друга клучна тема ќе биде меѓукултурниот дијалог, бидејќи многу млади луѓе во Јабланица не се запознаени со градот Гевгелија  и нивната култура, како и обратно. Со формирање на партнерството, проектот има за цел да им помогне на младите да разберат и да комуницираат со различни култури, адресирање на предрасуди, стереотипи, потреби и предизвици. Активностите ќе вклучуваат дефинирање на културата и меѓукултурниот дијалог за да се нагласи важноста на дијалогот. Корисни методи за оваа тема ќе вклучуваат бура на идеи, работа во мали групи, мапирање на мислите и дискусии.

Кои се најголемите предизвици со кои мислите дека ќе се  соочите како наставник-координатор и како планирате да ги надминете овие предизвици?

Јасмина Јанишлиева: Бидејќи самиот проект е детално испланиран, пред неговата реализација односно размената, како од финансиски така и од акциски план, заедно со назначените  координатори  на RYCO од нашата земја и од Босна и Херцеговина, не очекуваме да се соочиме со поголеми предизвици но, и ако се појават во текот на размената ќе бидат успешно надминати.

Како, според вас, може да се зголеми ангажманот на наставниците и учениците во проектите за размена, и кои се главните бариери што треба да се надминат?

Јасмина Јанишлиева: Наставниците и учениците треба да се охрабрат за учество во вакви проекти и други слични проекти затоа што преку нивна реализација се стекнуваат искуства кои ќе бидат корисни во понатамошниот развој на нивните кариери. Што се однесува до бариерите би нагласила дека ваквите проекти бараат голем ангажман и посветеност на наставниците и на учениците надвор од редовната настава.  

Суперучилишта е програма на RYCO за училишна размена во регионот со цел да се поддржи процесот на градење мир и помирување и интеркултурното учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници. Програмата е дел од мултидонаторскиот проект „Програма за размена на училишта во Западен Балкан“ кофинансиран од Европската Унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ) и имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) заедно со Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).

Обезбедено со финансиска поддршка на Европската Унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој

Scroll to Top