Стари и нови обичаи за КОЛДЕ

Фото: Благица Ступар, Никола Илиев, Леана Јанковска, Стефанија Маркова, Никола Јанковски, Наташа Стојковска

Фотографиите се од Гевгелија, Дојран, Негорци и Фурка.

Во текстот зборот ‘колде’ се употребува архаично, така како што во гевгелиската околина се употребувал низ вековите.

Во книгата „Живот и обичаји народни“ од учителот Стефан Тановиќ (материјали што ги запишувал од гевгелиската каза, собирани до 1911 година), обичаите за Колде биле многубројни. Кога се стемнувало, денот пред Божиќ,  децата од црничково дрво сечеле гранка и правеле стап од него. Секое дете си сечело за себе дрвце кое требало да биде тенко и заоблено на врвот. Стапот требало да се однесе дома и да преноќи.

Секоја домаќинка, утрото на Божиќ, станувала пред зори и замесувала тесто за колачиња, па ги обликувала во различни форми. Првото колаче што се печело се викало ‘какраконџул’. Првиот колач се чувал до Свети Јован. Штом ќе се испечеле сите колачиња, домаќинката од огнот земала неколку жарчиња и ги посветувала на дворот, шталата, нивите…  со цел годината да биде среќна. После овој чин ги ставала жарчињата под вршникот.

Кога се разденувало децата се собирале во групи со стаповите што ги направиле од вечерта и оделе од куќа до куќа за да пеат, меѓутоа тие морале да влезат внатре во куќата и со стаповите да претат во вршникот, поточно во пепелта и да извикуваат: „пиу, пиу, пиу… квок, квок, квок… циу, циу, циу… “ После ова домаќинката ги дарувала со колачиња.

Одејќи по патот и пред врата, пред секоја куќа тие ги пееле следните стихови:

„Колде, олелеле! Дај ми бабо кулаче да ти је живо малаче“.

Кога се враќале дома, колачињата ги ставале во чинија, а првото колаче што го добиле (го нарекувале ‘кулидачку’) го фрлале далеку од куќата. Доколку ова колаче падне во соседен двор не се фаќало со гола рака, затоа што се сметало дека на оној што ќе го допре ќе му се направат рани на раката, па нема да му се излечат до следниот Божиќ.

Во дваесеттите години од дваесеттиот век овој обичај изсчезнува, останува само обичајот да се собираат децата рано наутро на Колде и да пеат коледарски песни пред вратите на домаќините кои пак ги дарувале со колачиња.

Денес обичаите се сосема изменети, но сепак сочувани.

 

Scroll to Top