Марија Атанасова
Во иднината, човештвото конечно успеа да го елиминира најголемиот извор на страдање – парите. Градовите се самодоволни, технологијата овозможува изобилство, а секој жител добива сè што му е потребно без услови или ограничувања. Луѓето живеат безгрижно, без долгови, без сиромаштија.
Но, совршенството понекогаш крие мрачни тајни. Ерон, млад човек, кому и не му беше многу јасна оваа економија, почнува да ги забележува ситните несовршености на овој идеален свет. Иако сите имаат сè што им треба, никој нема повеќе отколку што му е потребно. Луѓето не размислуваат за иновации, не сонуваат, не се натпреваруваат, ниту пак имаат вистинска слобода на избор. Секој аспект од нивниот живот е пресметан, нивните желби се предвидени и задоволени пред да станат свесни за нив.
Но, Ерон отсекогаш бил љубопитен. Како инженер, неговата работа беше да одржува дел од автоматизираните системи што го напојуваа градот. Еден ден, додека ги проверуваше енергетските резерви, забележа нешто чудно – значителен дел од ресурсите исчезнуваа, но не постоеше запис каде завршуваат.
Неговата потрага по одговори го одведе до забранетата зона, огромен објект на периферијата од градот, кој никој не се осмелуваше да го спомене. Ноќта, со срце што му чукаше во градите, се прикраде внатре. Чекорите му беа несигурни, рацете трепетливи, а потта лесно се лизгаше по неговото тело. Она што го откри, го потресе до срж – илјадници луѓе беа приклучени на машини, нивните тела неподвижни, нивните мозоци заробени во виртуелна реалност.
Ова беше цената на совршената економија – луѓето кои не се вклопуваа, кои беа премногу љубопитни, премногу несогласни или едноставно непотребни, беа „рециклирани“ во систем што произведуваше енергија за градот.
Сега, Ерон знаеше. Прашањето беше – што ќе направи со тоа знаење? Дали ќе се обиде да го разоткрие системот и да го разбуди човештвото, или ќе остане тивок, како сите други?
Градот беше без долгови, но дали беше и без гревови?

