Автор: САРА СТАМКОВА
Зошто им се покоривме на мобилните телефони и технологијата? Зошто дозволивме расположението да ни зависи од нив? Виновни сме ние, луѓето… општеството е виновно за нашата зависност. Не ги испуштаме од рака, а ден поминат без нив, за нас е како осуда. Зарем дотаму стигнавме, во време кога сме слободни и можеме креативно да дејствуваме, ние времето го трошиме на бескорисни нешта.
Кога се будиме наутро, сте се фатиле ли самите како ѕиркате на социјалните мрежи. Не сме си го измиле ни лицето, а сепак гледаме што објавиле познатите личности и пријатели додека сме спиеле. Утринската прошетка не постои, мозокот го тероризираме со неважни информации. Да, ќе речеме мора да вратиме на пораките или да се договориме со некого, затоа го користиме телефонот. Така се лажеме самите, се тешиме дека нашето време потрошено на телефоните е корисно. Да, допишувањето е лесно и брзо со луѓе од целиот свет, но сè дотогаш додека не злоупотребуваме. Велам така бидејќи многу поретко се социјализираме и излегувме, повеќе не знаеме ни да комуницираме. Знаеме само да тапкаме пораки по екранот. Социјалниот живот како да не постои или постои во некој виртуелен нереален свет.
Но да ја свртиме страницата. Сте размислувале ли понекогаш за добрите страни на технологијата? Ги има многи иако поголем дел од нив не ги забележуваме. Колку е лесна достапноста на сите информации и податоци кои можеме да ги добиеме за неколку секунди. За разлика од нас нашите предци се мачеле да бараат книги за некој мал податок. Колку ли само пати сме се фотографирале со мобилниот телефон, нели тоа е нешто нормално, тоа е нашето секојдневие. Но, каков би бил животот без камерата на телефонот, катастрофа нели.
И покрај многубројните добри страни на телефоните и технологијата, ние ги користиме повеќе негативните. Никој не зборува за светот кој ја изгуби автентичноста. Поради социјалните мрежи и содржините кои се поставуваат, ние стануваме копии, стануваме производ што личи на секој друг. Секој од нас е прототип од кој се произведуваат нови деца и нови генерации – никој поразличен, никоја поинаква. Гледајќи ги другите несвесно ги правиме и ние тие нешта. Наеднаш сите сакаме иста облека, сите имаме исто хоби, сите јадеме исти јадења. Веќе никој не се труди да прави нешто различно, нешто што отстапува од трендовите на Тик-ток. Махатма Ганди рекол: ,,Морате да бидете промената која сакате да ја видите во светот”. Да почнеме од себе си, да престанеме да им даваме големо значење на негативните страни на телефоните.
Ајде да бидеме уникатни, секој да биде препознатлив по тоа кој е самиот тој. Не треба да ги повторуваме другите и да правиме нешто само поради нив. Смешно е да бидеме клоновИ на некој друг. Затоа користете ги телефоните паметно и не дозволувајте да го градат вашиот идентитет.
