Петар Јанчев: Во младите е силата за промена во општеството

Новинар: Благица Ступар

              

Кога е донесен Законот за младинско учество и младински политики и кои се неговите цел и примена?

– Законот за младинско учество и младински политики е донесен во 2020 година од страна на Собранието на Република Македонија со цел да се креираат и спроведуваат политики за млади на сите нивоа преку повеќесекторски пристап, поаѓајќи од потребите и интересите на младите. Исто така, да се зајакне учеството на младите во процесите за креирање на политики за млади, активно информирање и зголемување на свеста за младите за учество во процесот на донесување одлуки и политики и нивната општествена улога, заштита на нивните интереси и  поттикнување структурен дијалог на национално и локално ниво. Како и поттикнување волонтерство, младонски активизам и младинска работа и поттикнување личен, професионален и социјален развој кај младите кои според дефиницијата во Законот се категорија на возраст од 15 до 29 години.

 Што значи функцијата службеник за млади и што се неговите обврски?

– Според дефиницијата во Законот за младинско учество и младински политки, службеникот за млади претставува сервис за млади. Или наједноставно кажано, службеникот за млади е посредник или како што вообичаено велиме линк- врска помеѓу институцијата во којашто е вработен и младите во општината. Притоа, службеникот за млади е одговорен за Канцеларијата за млади, каде врши координација,  ги спроведува и ги следи прашањата од интерес на младите во делокругот на надлежностите на институцијата. Односно, спроведува постапки за имплементација на законот, подготвува конкурси за формирање Иницијативен одбор, Локално собрание на млади и Локален младински совет, помага во нивната работа со подготовка на материјали за и по одржување седници, изработува предлог-програма како за нивната работа, така и за неговата функција. Исто така, службеникот за млади треба да биде во редовна комуникација со различните облици на младинско здружување и со младите и со Агенцијата за млади и спорт. И на крај, да подготви извештај за неговата работа и работата на органите на локалната самоуправа за младинско  учество и младински политики.

Од кога започна имплементацијата на Законот во Општина Гевгелија?

– Имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики во општина Гевгелија започна во 2021 година. Меѓутоа, процесот одеше бавно имајќи предвид дека законот е релативно нов и имплицираше сериозен пристап и анализа за тоа што и како треба да постапат Општина Гевгелија и службеникот за млади во неговото спроведување. Спроведувањето започна со назначување службеник за млади и со измена и дополнување на Статутот на Општина Гевгелија, впрочем, како што налага и Законот, а потоа и преземање на сите други чекори за исполнување на обврските, за конечно да дојдеме до фазата за формирање и конституирање Локален младински совет. Мора да потенцирам  дека постапката вооошто не е лесна и е сложена, за што ние како административни службеници побаравме измени и дополнувања на овој Закон.

Објаснете ја постапката за формирање Локално собрание за млади и Локален младински совет?

– Доколку општините немаат формирано Локални младински совети, најпрво што треба да направат службениците за млади е да подготват и објават Јавен повик за формирање Иницијативен одбор, којшто пак има улога да формира Локално собрание на млади. По формирањето Иницијативен одбор, неговите членови носат одлука за распишување Јавен повик за членство во Локално собрание на млади, ги разгледуваат пристигнатите апликации и им го верифицираат мандатот во време од 2 години со можност за продолжување. Кога ќе се конституира Локалното собрание на млади, Иницијативниот одбор се распушта зашто неговата функција е еднократна, односно треба само да ја спроведе постапката за формирање Локално собрание на млади.

Локалното собрание на млади одржува неколку седници, најпрво избира претседател кој ќе раководи со собранието на седниците, подготвува деловник за работа и носи одлука за Јавен повик за членство во Локален младински совет. Исто така, треба да ја следи постапката, односно да ги разгледа пристигнатите апликации, да направи избор на членовите и да поднесе до Советот на Општината предлог за верификација на мандатите во времетраење од 2 години со можност за уште еден избор.

Откако Советот на Општината ќе им ги верифицира мандатите на членовите, Локалните совети на млади на првата конститутивна седница избираат претседател и заменик-претседател, подготвуваат деловник и подготвуваат предлог-програма за нивната работа што исто така ја усвојува Советот на Општината. За да биде активен Локалниот младински совет, треба да одржува седници најмалку еднаш месечно.

Локалниот младински совет ги врши следните работи: расправа на своите седници  за прашања значајни за нивната работа; дискутира за прашања за коишто дисктутира и Советот на Oпштината, а се од интерес за работата на младите; соработува во изработката и го следи спроведувањето на локалните акти за млади, донесени од страна на Општината; организира работилници, предавања, трибини, кампањи, манифестации и други активности во врска со младинските прашања; информира и ги промовира  неговите активности, и врши и други работи од интерес за младите. 

Кој може да членува во Локалното собрание на млади и Локалниот младински совет и кој ги предлага членовите?

– И во двете институционални младински тела членуваат млади на возраст од 15 до 29 години жители на општината, а кои се дел од различни форми на младинско здружување. Тука спаѓаат: младински организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување. Што значи, дека, за да бидат младите дел од Локално собрание на млади и Локален младински совет, треба да се предложени од организации што делуваат на подрачјето на општината и имаат најмалку една година спроведено активности за млади.  Важно е да се истакне, дека во Локалното младинско собрание организациите предлагаат делегат и заменик-делегат, а вкупниот број на членови не е ограничен.

Додека, за членови во Локален младински совет, организациите предлагаат само 1 младо лице, но вкупниот број членови во Локален младински совет треба да изнесува 1 третина од вкупниот број членови на Советот на Општината, не треба да биде помал од 5 и да биде непарен број. По завршувањето на нивните мандати од 2 години, повторно започнува постапката наново, само што се испушта делот со Иницијативниот одбор и  веднаш се преминува кон распишување Јавен повик за членство во Локално собрание на млади, а потоа и распишување Јавен повик за членство во Локален младински совет. На овие повици, организациите можат да поднесат предлог за продолжување на мандатите за уште 2 години или пак да предложат нови млади за членови во двете тела.

Имаат ли соработка младите од Општина Гевгелија со службеникот за млади? Споделете позитивни искуства.

– Секоја работа и соработка има свои предности и недостатоци. Со оглед на тоа дека во општеството главното мнение за младите е дека се пасивни, работното искуство како службеник за млади и соработката со младите ми влева надеж дека и не е се така црно. Дека во мноштвото млади, се уште постојат умови што имаат идеи и сакаат да ја подобрат сегашноста и иднината на сите млади како таргет-група во општеството. И покрај судирот со различни карактери, ставови и мислења.

Има позитивни примери од заедничката соработка, впрочем, тоа го потврдуваат и анализите за младинско учество на државно ниво, коишто покажуваат дека Општина Гевгелија е пријателски настроена Општина кон младите и вбројана меѓу неколкуте Општини со активен Локален младински совет. Ќе ги издвојам, одличната соработка со досегашниот претседател, Кристијан Алчинов и сите членови на Локален младински совет за реализација на мерки и активности од Програмата за работа на Советот за млади,  вмрежувањата со партнерски организации за имплементација на проекти во областа на младинското учество, животната средина и претприемништво и поддршка пред вработување, доставените иницијативи до Советот на Општина Гевгелија и Градоначалникот на Општина Гевгелија преку коишто се застапуваат младинските прашања и плодната соработка со граѓанските здруженија што работат со млади.

Порака до младите!

– Иако мојот работен ангажман не е во согласност со професијата, а тоа е наставник, сепак функцијата службеник за млади по случајност на судбината ме поврза повторно со младите. Мојата порака до нив ќе биде комбинација од воспитен, морален и социјален карактер и гласи: „Да уживаат во најубавата животна фаза, а тоа е младоста, рационално да го користат своето време и да го насочуваат кон континуиран раст и развој, да не се откажуваат од своите цели кога ќе се сопнат на првиот предизвик и да имаат на ум дека во нив е силата за промени во општеството. Што значи, да не ги потиснуваат сoпствените идеи само во својата свест, туку гласно да ги изнесат пред надлежните за нив, искористувајќи го своето право да учествуваат во донесување мерки и политики од нивен интерес на локално и државно ниво“

Scroll to Top