Костадин Узунов
Како почеток на новата година ние го славиме 1 јануари. Но, македонскиот народ според стариот календар новата година ја празнувал на сегашен 14 јануари. Денес ние на тој датум го прославуваме Св. Василиј Велики и Православната нова година. Обичаите наговестуваат дека на тој ден се крши погача, во која што се наоѓа паричка. Според верувањето оној член од семејството во кого ќе се падне паричката, го следи среќа во текот на целата година. Исто така се пали и василичарски оган кој ја симболизира божјата светлост и сила на почетокот од новата година. Мали деца преправени во василичари, кои со себе носат дрвени прачки пеат од врата до врата и собираат подароци. Овој адет потекнува од верувањето дека ако василичарите во куќата каде што пеат, има некој болен и го изудираат со прачките кои ги носат, ќе оздрави ќе биде силен и суров во новата година. Па затоа овој адет уште е познат и како Сурва.
Не постојат утврдени мелодии кои ја обликуваат сурварската песна. Секој крај, секое село си има своја варијанта на песната. Попознат текст за оваа песна е :
Сурова, сурова година
голем клас на нива,
голем грозд на лоза
жолт мамул на леса,
живо здраво до година,
до година до амина.
Во гевгелиско пак постои друга песна која има делумно сатиричен и вулгарен карактер:
Суравица, баклавица
удри баба по газица
да претече матеница
Сурва!
Василица се наоѓа во периодот на т.н Некрстени денови. Овој период трае од Божик до Водици. Односно од Исусовото раѓање до неговото крштевање. Старите велат дека во овој период лошите духови шетаат над земјата, мртвите се во движење, разни вампири, вештерки самовили и др. Затоа што додека Исус не бил крстен ѓаволите сакале да го намамат да не се крсти . Како заштитен магиски обред се појавил русалискиот. Русалиите се мажи облечени во посебна народна носија кои изведуваат ритуали со играње, целно да ги избркаат лошите сили. Овој машки одред – русалискиот обичај бил практикуван и на нашата територија. Во Македонија сè уште се изведуваат русалиски ора.
Oд црковните текстови дознаваме дека Св.Василиј Велики уште е познат и како Св.Василиј Кесариски. Така е наречен бидејќи бил главен владика во градот Кесарија во Кападокија (денес во Турција). Тој исто така таму бил и роден. Роден е во 329 година, а умрел на денешен 14 јануари 379 г. Додека Св.Василиј Велики бил Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија кој бил многу алчен и груб човек, честопати го ограбувал градот со својата војска. После дознавањето дека епархот доаѓа да го опустоши градот , Св.Василиј Велики од богатите луѓе го собрал сиот накит и сите златници. Кога дошол епархот во градот Василиј му го понудил богатството за да ги остави мирни жителите. За некое чудо епархот одбил да го прими богатството. Тој си заминал и никогаш повеќе не се вратил во тој град. Василиј токму на новогодишната вечер останал со сетото богатство, не знаејќи што да прави. Утредента се досетил да направи мали лепчиња во кои ќе вметне нешто накит и помалку златници. Ги повикал жителите на литургија и на секој му разделил по едно лепче. На секого му се паднало токму она што претходно го дал. За тоа како што е погоре напоменато на денот на празнувањето на Св. Василиј Велики се крши погача со паричка.