Ѓорги Новаковски
Кој сум всушност јас? Што сум јас на овој свет? Која е суштината на моето постоење? Која е смислата на моето битисување? Безброј прашања, а одговори нема. Можеби има, но кој е вистинскиот? Уверени сме дека се познаваме себеси, а всушност не знаеме ништо за себе. Живееме во некаква илузија, под маски, постојано бегајќи од вистината. Се плашиме од суровото огледало кое безмилосно ја отсликува нашата личност. Но, јас сум решен, подготвен сум да се соочам со моето јас. Се родив, излегов од мрак, пристигнав на овој свет и станав дел од него. Ја почувствував силната светлина на животот. Тогаш започна сѐ. Започна едно патување, авантура која нуди многу нешта, отвора многу патишта, поставува безброј искушенија, а изборот е мој и само мој. Првите неколку години не бев свесен за животот, ниту за светот околу мене. Бев премногу мал, да се оптоварувам со тоа кој сум и што сум. Колку и да не се сеќавам на нив, сепак тоа беа најневините и најпрекрасните години од мојот живот. Растев, почнав да го разбирам светот, како што може да разбере едно дете гледајќи околу себе со своите невини очи. Учев од најблиските, од луѓето кои безрезервно ме сакаа, а потоа излегов на улица. Се запознав со училишните клупи, стекнав многу другари, научив за важноста на другарството и пожртвуваноста. Научив дека треба да делам сѐ и да помагам на сите. Полека, но сигруно чекорев по патот на животот. Додека родителите ме учеа да бидам добар, културен, искрен, човек со големо срце и чиста совест, останатите се обидуваа да ме разубедат во тоа. Им помагав на другите и бев виновен. Се обидував да бидам другар и пријател, и повторно бев виновен. Животот ми покажа дека секогаш не добиваме онолку колку што даваме.Растев и сѐ повеќе се менував. Навиките се менуваа, сѐ стануваше поразлично. Животот доби поинаков облик. Она што го научив, го знам и се обидувам да го применувам. Можеби, вчера згрешив, но признав и се променив. Станав силен, но сепак кршлив, храбар, но истовремено и плашлив, тивок, но сепак гласен кога треба да се спротивставам на неправдата. Ете тоа сум јас. Јас сум само скитник, патник ,талкач на земјава, а дали сте пак вие нешто повеќе?