ВИСТИНСКАТА УБАВИНА НА НАУКАТА

Стево Ѓоргиев – дипломиран математичар на теориска математика и инженер по математичка економија.

Ангел: Како ги поминавте средношколските денови во нашето училиште?

Стево: На деновите поминати во моето училиште, јас така милувам да си го нарекувам, се сеќавам со задоволство. Деновите беа исполнети со голем број активности во функција на воспитно-образовната дејност и со голем број воннаставни активности. Според мене, тоа е училиштето кое на секој би му го препорачал и би му посакал да се образува. Местото каде што теоријата и праксата одат рака под рака, што беше од огромна помош во моето понатамошно образование. Иако понекогаш имав чувство како да сум во трка со времето, сепак напорната работа вроди со плод. После поминати десет години по напуштањето на училишните клупи на моето училиште, кога и да стапам во контакт со моите професори и соученици, со голема радост си се навраќаме на убавите спомени кои си ги чуваме во себе од тие денови.

Ангел: Кога ја засакавте математиката?

Стево: Уф, ова колку и да изгледа лесно, за мене е тешко прашање. Па, не знам, можеби отсекогаш, а можеби од некогаш. Ако треба да посочам главен „виновник“ за таа љубов, тогаш без двоумење ќе кажам дека тоа е мојата наставничка во основното образование Убавка Илиева. Според тоа, веројатно во тој период, во мое петто или шесто одделение. По мое видување тоа е процес кој трае многу подолго, но најчесто се памети моментот кога ќе се осознае вистинската убавина на оваа наука, она чувство кога самостојно ќе дојдеш до решение на некој потежок зададен проблем или во моментот кога ќе воочиш дека нештото можеш да го решиш на повеќе начини.   

Ангел: Какво ви беше искуството со професорите на ПМФ?

Стево: И како вработен и како студент на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, односот со наставниот кадар бил сосема коректен. Институтот за математика е местото каде што секој љубител на математиката би сакал да помине дел од своето образование. На мое лично задоволство сум ја имал честа да учам, а денес и да соработувам со луѓе кои навистина си ја знаат својата работа и се доста посветени на истата. 

Ангел: Што беше пресвртница во вашата кариера?

Стево: Како дипломиран математичар на теориска математика и како дипломиран инженер по математичка економија по завршување на додипломските студии имав доста можности за вработување. Во денешно време примената на математика во сите сфери на општественото живеење ги прави лицата кои се стекнале со диплома од таа област доста примамливи за работодавачите. Заради тоа имав можност и желба да бидам дел од повеќе работни средини во различни сектори, како што се образованието, електроиндустријата, како и дел од државната администрација во областа на статистиката. Сепак, мојата желба за пренесување на знаењето и убавините на математиката на идните генерации беше клучна за да се посветам на тоа што денес го работам со огромна посветеност и радост.

Ангел: Дали размислувате за почеток на трет циклус студии, ако веќе сте започнале со истите до каде сте?

Стево: Третиот циклус на студии ги започнав во месец ноември минатата година на насоката Математички науки и примени на ПМФ која се одвива во рамки на Докторската школа на Универзитетот„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Веќе три месеци сум студент на трет циклус студии и можам да кажам дека за сега работите течат како што е планирано согласно програмата. Она што морам да напоменам е дека станува збор за доста макотрпен процес, кој бара голема посветеност, особено во делот на научно-истражувачката работа. Понекогаш одреден проблем кој е предмет на решавање може да одземе часови, денови, па дури и месеци. Во тој контекст, за текот на докторските студии, често знам да кажам дека треба да се присетиме на некои хипотези кои се поставени векови наназад, а до ден денес немаме решение за нив.  

Ангел: Која е вашата животна цел?

Стево: Не сум човек кој планира многу долгорочно. Јас трчам на кратки стази со одмерени чекори. Некако сум приклонет кон тоа дека понекогаш треба да му допуштиме на времето и интуицијата да не водат по патот. Ако го разделам прашањето од приватен и професионален аспект, ќе кажам дека на приватен план целта ми е да бидам причина за радост и насмевка на лицата во мојата околина. Во професионалниот свет се водам по принципот да бидам поттик и причина за нечиј успех. 

Scroll to Top