Новинар: Благица Ступар
Што ве мотивираше да бидете професор по македонски јазик и литература.
Некои работи во животот се случајни, но многу се намерни или така како што ние сакаме да бидат. Токму во тоа лежи и одговорот на прашањето, ја сакав книжевноста, сакав да творам, сакав да си ‘играм’ со стихови, па дури и да експериментирам. Повеќе ‘копав’ по стилови и начини на пишување отколку што читав, а подоцна сфатив дека читањето ми дава многу придобивки, сфатив дека основата на знаењето не е само учењето, туку читањето, затоа што читањето ти го тренира умот, ги подобрува комуникациските вештини, па дури го подобрува и животниот век. Книгата те прави богат во душа, слободен во мислата.
Во едно интервју спомнувате дека сте горди на своите ученици, но дали имате разочарувања од нив?
Учениците се деца. Не треба да им се лутиме или да се разочаруваме од нивните неуспеси или јас не би ги нарекол неуспеси… секој може, но не секој сака. Тоа значи дека ние треба да даваме сè од себе затоа што сме педагози, ние треба да им ги пренесеме дури и животните искуства, така како што тоа го согледуваме и анализираме од многу книги. Не може од секој ученик да очекуваме високи оценки, но од секој сакам да создадам човек кој ќе биде достоен граѓанин. Оценките се тие, од 1 до 5, ама животот е придобивката што тие треба да ја земат од училиште, а не оценката.
Зошто го формиравте Здружението „Од станица до граница“?
Мотивите се повеќе, но пред сè лични. Кога проблемите ви надвиснуваат над глава се обидувате да ги решите, а кога ќе ги решите сочувствувате со другите, со оние на кои им се случува истото што вам ви се случило, па сакате да помогнете. Од друга страна губењето на единствениот телевизиски магазин (на Нова 12) во Гевгелија најверојатно премногу ме ‘погоди’, постоевме 25 години и одеднаш нè снема, но се препородивме со Здружението и со основната дејност – медиумската писменост и младите. Здружението веќе е членка на Мрежата на медиумска писменост на Македонија. https://odstanica.mk/
Медиумскиот клуб „Јоска“ исто така е Ваш производ. Зошто го формиравте?
Медиумскиот клуб „Јоска“ функционира во рамките на СОУ „Јосиф Јосифовски“, најпрво како проектна активност, но денес и како секција. Сметам дека потребно е да постои во секое училиште таков клуб кој преку различни медиуми ќе ги промовира, но и пренесува идеите и активностите на младите. Ние сме премногу насочени кон младите и нивните потреби, нивните приказни, нивниот начин на живот и сето тоа го промовираме преку наша сопствена веб-страница https://klubjoska.mk/ , преку електронски магазин и неодамна преку снимање интервјуа, видеа и поткасти со сопствен канал на You Tube.
Можеби имаме грешки, недостатоци, пропусти, но не заборавајте ние сме почетници, пионери, но и двигатели на нешто ново во Гевгелија.
Формиравте и нови медиумски клубови во други населени места и училишта. Зошто?
Тоа е проект на ЗГ „Од станица до граница“ и целта е токму тоа, да ги споделиме нашите искуства од средношколците на основците. Премногу ми е мило затоа што сите функционираат одлично и се учат на создавање добри содржини, а пак ние им ги пренесуваме нашите добри практики. Проектот се одвива преку Македонскиот институт за медиуми насловен како „Нашите медиуми“. Со помош на работилниците и на активностите ги насочуваме децата и ги охрабруваме во користењето на дигиталните алатки, но за создавање добри, позитивни содржини. Нема бегање од дигитализацијата, но сепак, таа треба разумно да се користи. Можеби така ќе го минимизираме лудилото што во денешно време се случува на социјалните медиуми. Се трудиме да бидеме коректори на лошите содржини , а креатори на позитивни практики.
Професор, новинар, поет, ментор, предавач и обучувач, но пред сè татко и сопруг, тешко ли е? Каков е Вашиот живот?
Живот како и секој друг. Ние гевгеличани сме чудна ‘сорта’ луѓе. Не нè држи место, секогаш сме насекаде. Да бидам сериозен, тешко е да се остварите секаде успешно и да бидете исполнителен, затоа пред сè сум благодарен на моето семејство. Тешко е да се признае, цената на животот ја плаќам, можеби страдам, можеби некогаш чувствувам и вина, и грев, има моменти кога сакам да излезам од сопствената кожа, ама животот ве учи да бидете истрајни, она што сте го започнале да го довршите, она што го поседувате како квалитет да го споделувате…
На кое дело сте особено горди во изминатата 2024 година и дали има нешто што би промениле во неа?
Има многу работи што можеа да бидат и подобри и поинакви, ама животот понекогаш ви го дава тоа што не го сакате, тоа пак не значи разочарување или паѓање. Ние секогаш ги учиме учениците да ја туркаат Сизифовата карпа, па колку таа да е тешка. Сите ние го носиме бремето на своето време. А за гордоста, горд сум на сите што можат да ме ‘трпат’ таков каков што сум. Благодарен сум на довербата што во 2024 година ми ја подарија гевгеличани, Градоначалникот и Советот на Општината, а она што сакам да го променам во наредната 2025 година е да има поголема сплотеност во сите сфери од општественото живеење и поголемо трпение. Доста ни е од негативни критики и забелешки. Секој да си ја гледа сопствената работа, да се труди во својата професија, само така ќе го подобруваме општеството. Помалку да ‘ѕиркаме’ во туѓите дворови, а повеќе да се свртиме кон своите цели.