Бадник и Божиќ во гевгелиско пред 110 години

Ден пред Божиќ или Бадник. Во утрините децата пееле Колде. Тој ден домаќинката подготвувала различни јадења за вечера. Најпрво замесувала леб, онолку колку било потребно, односно, еден за Бадниковата вечер, и уште еден за третиот ден од Божиќ. Во лебот за Бадниковата вечер ставала сребрена паричка. Лебот за третата вечер се нарекувал гумно или урачув кулак. Се правел од истото брашно со кое се правел и лебот за Бадниковата вечер. На средината од вториот леб во кој немало паричка се ставало лук, за семејството да биде здраво.

Кога домаќинката ќе завршела со лебовите, правела вечера за Бадник. Готвела: посна сарма, сукје сарлија (сукана баклава),кисела каша од брашно, сусамница (врста на баница), грав… Сите јадења требало да бидат посни. Сарлијата се правела без зејтин, а да не загори тепсијата се премачкувала со кромид.

Домаќинот набавувал, ако нема своја, ракија, вино, суви смокви, ореви, бадеми, лешник, костени, наут (леблебија), јаболки, портокали, лимони, урми, кикирики и слично. Сите овие производи и не морало да се набават, но морало да има суво грозје, суви смокви и ореви, затоа што ова овоше се користело како лек.

Поради тоа што луѓето во тоа време не можеле лесно да одат во шума и да најдат бадниково дрво, многу често го заменувале со друго. Порано, сепак, домаќините оделе до шума и набавувале бадникови гранки. Но, се случувало да се употребува и горничка (дива круша), затоа што била плодна, па и годината да биде плодна и богата.

Домаќинот дрвото го внесувал во куќата без никакви ритуали и го ставал во оганот да гори, но кога го ставал во оганот, тогаш сите од семејството требало да бидат дома. Требало да седат триесеттина минути, па домаќинот прашувал:

– Сите ли сме дома?

– Сите сме!, – одговарале останатите.

– Аз’р ли сте? (подготвени ли сте?), – прашувал домаќинот.

– Аз’р сме!, – одговарале.

– Е, па тоги, да гу викме дедо Бужиќ на вичера!

Домаќинката ја метела софрата и на средината од неа го ставала лебот, овошјето, маџунот, малку туршија, лук и што имала подготвено. Домаќинот за оваа вечер чувал лубеница и калинка. Од софрата го земал лебот, сарлијата, и ракијата. Сите од семејството оделе пред влезната врата, ја отворале и најмладиот од семејството почнувал:

-Ела дедо Божиќ , да вичерме!

А некој од постарите одговарал:

-Вичирајте, синко, нек’ ви е слатко!

Сите овие реченици ги изговорале трипати, па се враќале и седнувале покрај софрата велејќи дека дедо Боже не може да дојде, но им го дал овој подарок (јадењето) да вечераат.

После ова домаќинот го земал лебот со паричката и го кршел делејќи го по следниот редослед: на Господ, на ралото, на воловите, на нивата, на лозјето, на куќата, па после на секој член од семејството, почнувајќи од најстариот до најмалиот. Во оној во кој ќе се паднела паричката се сметало дека среќата на семејството зависи од него.

Кога лебот ќе се поделел, домаќинот земал чаша со ракија и велел:

-Ка е арно , Госпуд нека даде! Сус здраве Бужиќ да прачекме, сус здраве да гу испратме, сус здраве и Нова година да прачекме; Госпуд здраве и касмет да даде, уд лошо да не чуве.Дубре са субраме, што субраме да кирдосме. Здра’ ми си!

Сите останати му одговараат:

-Спулај ми ти!

После вечерата софрата се остава до дследното утро, единствено можела да се покрие со бел чаршав.

Scroll to Top