Живко Станчев: Помалку перфекција, повеќе автентичност

Викторија Тодорова

Во денешниот свет, каде што сите сме поврзани преку мал екран, каде што се шират трендови и се зголемува употребата на вештачка интелигенција, креативноста и автентичноста кај младите генерации ја снемува. Се чувствува притисок да се вклопиме во околината ,доведувајќи до смрт на сопственоста, технологијата го опседнува светот, па нема потреба од човечка креативност. Живееме во совршен свет каде сите нè собира во ист калап. Но дали тој свет е навистина совршен? Не. Таков свет го убива човечкиот дух. За среќа, овде спаѓаат и исклучоци кои се доволно храбри да се рекламираат такви како што се. Една од тие личности е Живко Станчев, ученик во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје.

Од кога Живко сфати дека е креативен на свој начин?

Креативно почнав да се изразувам од многу рана возраст, со изработувањето на безброј новогодишни и роденденски честитки за најблиските роднини и пријатели, по што најмногу по тоа ме паметеа. Знаев како да одвлечам внимание уште многу малечок. Ширејќи позитива, естетика и благопријатно чувство настојував да ги направам сите околу мене среќни.

Дали сè уште се држиш кон тој став?

За среќа сум се тргнал од тој систем на размислување бидејќи во спротивно јас би бил најнесреќниот на светот. Вистина е дека тие особини ми се присутни при карактер бидејќи сега се дел од она што ме прави свој.

Дали сметаш дека училиштето ти влијае на креативноста, добро или лошо?

Ме радува фактот што учам во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – единственото уметничко училиште во државата лоцирано во Скопје. Изучувам многу работи во училиштето каде сум запишан, почнувајќи од што носеле луѓето во историјата, денешна висока мода, цртање и сликање, ликовниот јазик кој е неизбежен да се знае, историјата на уметноста и секако други безброј општи и стручни способности до тоа како да се биде пред сè човек а потоа дизајнер, уметник итн…

Дали нешто те има инспирирано за да стигнеш до каде што си денес?

Главен фактор во мојата желба за ова каде сум сега беше наградата која ја добив на државно ниво од конкурс во седмо одделение на тема „Денешната мода поврзана со народното творештво“ и филмот на Дизни, односно ликот „Круела” кој е неразделлив дел и во творечкиот, а и општо во емоционалниот дух во мене.

Основното образование го завршив во ООУ „Ристо Шуклев” во Негорци. Најемпатичното и најубавото училиште ќе биде за мене запаметено бидејќи таму стекнав доволно блиски пријателства, искуства и доживувања за да можам и го продолжам моето понатамошно школување во Скопје, како ученик кој учи на страна т.е. далеку од дома.

Објасни ни го животот како ученик на страна.

Живото во Скопје за мене е како на филм! Доминираат убавините, но присутни се и ненадејните изненадувања со кои мора еден ученик во ученички дом и голем град да се сноси со нив. Неизбежно е да биде јак, цврст, непоколеблив, снаодлив, а најважно примерен и при свеста разумен. Тешко ми беше на почетокот, но сега кога согледувам добро е што не сум се откажал бидејќи тогаш не би бил она што сум сега, а притоа сум многу горд на тоа. Горд сум бидејќи сум подобар од тоа што сум бил, а истото го спојувам со промените кои се од многу големо значење и кај човекот, а и во општеството во кое тој живее.

Дали имаш да додадеш нешто во врска со ставовите на младите?

Треба малку повеќе човечност, разбирање, прифаќање и добрина кај сите нас од поновите генерации. Мораме да бидеме посебни на свој начин, да се разликуваме од останатите не само во стилот на облекување ами и во побитното, а тоа е она чувство на дух, слобода и беспрекорна желба за пронаоѓање на вистинскиот себе си, бидејќи само тогаш вистински ќе успееме во животот. 

Scroll to Top