Дедо Мраз слета на Јупитер

Викторија Тодорова

            Секоја година Дедо Мраз внимателно ги чита писмата напишaни со надеж и љубов од послушните дечиња од цел свет. Се разбира после тоа следува долго и тешко патување низ планетата, кој само некој толку вреден, дарежлив и упорен како Дедо Мраз може да го изврши.

            Оваа година, драгоцената и волшебната рутина се повторува, Дедо Мраз разлистува безброј писменца напишани од мали вредни рачиња. Едно девојче го побара најновиот телефон, друго девојче побара најновата барбика… Симпатично момче од Русија побара нови чизми за да може да ја помине суровата зима, претходните му биле скинати и стари. Брат и сестра напишале како посакуваат татко им да не си ја изгуби работата. Милион деца од сите краеви на светот како Украина, Русија, Израел, Палестина мечтаат по мир, по ден каде што ќе не мора да се прашуваат дали им е последен. Писма во кои се посакува почиста Земја, други писма во кои се посакува исполента маса и полни стомачиња, барем само за празниците, потоа желби за топол дом, желби за подобри родители, желби за подобри услови за живот.

            Дедо Мраз, малку преоптеретен, но упорен, ги исчита сите писма и беше подготвен да ја започне неговата авантура. Тргна на пат но нешто чудно, нешто посилно од него го натера да го скрати патот. Илјадници години тој патува по истиот пат, тој знае дека тој пат е безбеден и дека со малку труд ќе ја заврши работата. Но ова чудо му ја победи мудроста и му ја поттикна наивноста и мрзливоста. Не можеше да се контролира. Тргна по нов, непознат пат и по некое време стигна на планетата, но не на Земјата, туку на Јупитер.

             Дедо Мраз, човек на кој се угледува цел свет, примерен, мудар, вреден и волшебен се најде на Јупитер, сам, изгубен, исплашен и очаен.

            Седејќи збунет на Јупитер, размислуваше како само од една мала грешка тој изгуби сè, бидејќи посака на побрз начин да ја оствари целта, но не размисли дека тоа носи предизвици, но и последици. Се прашуваше самиот како можеше да ја смени традицијата на патувањето, не помисли на очајните деца, на можноста дека и тој не е семожен.

             Дали можеби оваа моја приказна открива дека некогаш Дедо Мраз навистина не може да стигне секаде, не може да го реши секој проблем? Дали вербата во себе е надежта за да ги подобриме работите околу нас? 

Scroll to Top