Виолета Руменовска
Зимата секогаш доаѓа со тежок здив, како стар раскажувач кој со секое вдишување ја оживува приказната за Божиќ. Снегот тивко паѓа врз страрите кровови, а во воздухот лебди мирис на студ и нешто свето – нешто што не може да се допре но може да се почувствува длабоко во градите.
Божиќ не е само датум, ниту празник – тоа е тивка светлина што се пробива низ темнината, тоа е шепот што ги буди најсветите емоции во човековата душа. Ова е време за семејството, за топлина, за љубов, за поврзување, простување, како срцето да станува празничен венец испреплетен со љубов и милост.
Ноќта пред Бадник е исполнета со најсилната топлина која одекнува до најдалечните места, обоени од нијансите на светлоста и искрите кои пламтат од коледарските огнови. Додека, во утринските часови улиците во секое село и град се претвoраат во живи реки од детски гласови – мали ангели испратени да ја разнесат радосната вест. Мали раце, цврсто стиснати околу бадниковите гранчиња и светла ѕвезда водилка – патоказ низ темнината на секојдневието, потсетик дека и најмалото светло може да го пробие најгустиот мрак. Таа е надеж во тешките мигови, патот до љубовта и мирот и симбол на онаа прва вистинска ѕвезда што го покажала патот кон пештерата, патот кон новиот почеток.
Бадниковото гранче, на изглед како и секое останато, не е само тенко безначајно дрвце – тоа е парче вечност, симбол на животот што никогаш не згаснува. Кога тоа гранче ќе заискри во огништето, искрите се воздигнуваат носејќи со себе скриени зборови и недоискажани желби. Пламенот се крева високо како да сака да го допре небото и ја води ноќта кон утрото.
Темјанот, нежен облак од молитви, се издигнува од рацете на домаќинот, а секој агол од куќата е прегрнат од неговиот сладок и впечатлив мирис. Тој е мост меѓу земјата и небото, златен конец што ги врзува срцата на луѓето со нешто повисоко од нив самите. Тивкиот чин на подкадување не е само обичај – тоа е момент кога времето престанува, а мирот се населува во секој дел од домот.
Бадниковата вечера е повеќе од обична традиција – таа е жива приказна која се пренесува од генерација на генерација како нишка што ги поврзува минатото, сегашноста и иднината. Во секое парче погача се крие надеж, а во секоја чаша црвено вино се одразува среќата и здравјето на семејството. Најстариот член со треперлива рака ја крши погачата, додека сите со нетрпение ја бараат паричката – симбол на благослов и успех, а оној што ќе ја пронајде ќе биде среќен цела година. Секое зрно од храната е молитва за богат род и бериќет, трпезата останува недопрена цела ноќ и во тој момент домот станува храм, а секој член на семејството – чувар на традицијата.
Утрото на Божиќ е раѓање на нов ден, отворена врата низ која влегува светлината на светот. Во воздухот се чувствува спокојство и некаква недофатлива радост, а секој поздрав „Христос се роди” е повеќе од збор – допир на душа со душа, мост што ги спојува луѓето без разлика на далечината меѓу нив. Божиќ е време кога непознатите луѓе се насмевнуваат малку повеќе, кога добрите дела се шират, допирајќи срца на невидлив, тивок начин – топло огниште среде ладна зима.