Градот на Дедо Мраз

Ања Поп-Костова

Божиќна еуфорија насекаде околу нас, сите во градот започнаа со украсувањето на своите домови и со договори околу славење на Новата година. На телевизија, на филмови и на интернет постојано ја гледаме божиќната еуфорија претставена во поинакво светло, исполнета со магија, љубов и песни. Малите деца се во исчекување на Дедо Мраз, за исполнување на желбите за Нова година.

А, знаеш ли која е мојата желба оваа година? Да го посетам градот на Дедо Мраз и да ја почувствувам вистинската магија на Божиќ. Па токму тоа решив и да го направам, се упатив кон снежната шума.

Изгубена во снежната шума сама, барајќи излез од неа. Придружена од кристално белите снегулки кои танцуваа околу мене и нежно ме галеа по косата и лицето. Одејќи долго време сама и талкајќи во снегот, наеднаш наслушнав врева. Се слушаа новогодишни песни и детски гласови, можеше да се види дека полека се оддалечувам од снежната шума. Наеднаш ја здогледав огромната табла на која пишуваше „Добредојде во градот на Дедо Мраз“. Со огромна возбуда си помислив, да тоа е градот кој го барав. По уште кратко одење по снегот, пред очите како Сонце кое свети во жешките лета, ме заслепуваше таа голема светлина, од која не се гледаше јасно што се крие зад неа. А од тука започнува вистинската божиќна магија. Можев да видам дека градот во кој живее Дедо Мраз е поприлично мало место.На влезот од градот јасно можеше да се видат мали суштества кои наликуваа на џуџиња, кои беа облечени во долги црвени костиме, а на главатаа имаа црвени капи, зборуваа на јазик кој за мене не беше познат. Некои од нив се санкаа по снегот, некои се маваа со снежни топки, а останатите беа растрчани на различни страни. Сите беа среќни, весели и многу сложни и пееја најразлични божиќни песни. Градот на Дедо Мраз навистина беше најубавото место кое некогаш сум го видела, наоколу имаше мали дрвени куќички во различни форми во кои живееја овие мали слатки суштества. Куќичките беа украсени во најразлични бои, целите осветлени со ламбички.

Во центарот од градот јасно се гледаше огромната новогодишна елка, од која доаѓаше таа огромна светлина од која ти се заслепуваат очите. Целата беше накитена со големи црвени лампиони, а на врвот стоеше големата бела ѕвезда која беша направена од мразулци од шумските вили. Моето внимание го привлече големата чоколадна фонтана, која беше на 7 ката, од која течеше највкусното чоколадо кое некогаш сум го пробала. Од неа се правеле најразлични чоколади, кои Дедо Мраз ги носел на малите дечиња.

Шетајќи се низ градот наеднаш паднав во тунел, тоа беше огромен тобоган кој ме однесе во подземната фабрика за подароци. Ова беше најволшебното место. Насекаде беа расфрлени најразлични кутии со подароци, а наоколу имаше вили и џуџиња кои помагаа во пакувањето на подароците за децата од целиот свет. Го здогледав и големиот сандук во кој беа ливчињата со желби, кој ги собрал Дедо Мраз, ливчињата беа на различни јазици. Се упатив кон скалилата кои се наоѓаа на крајот од фабриката, и ме однесоа до најголемата куќа која ја бев видела во овој град, тоа беше куќата на Дедо Мраз. А до неа се наоѓаше шталата во која беа удобно сместени ирвасите на Дедо Мраз предводени од Рудолф. Влегов во куќата. Таа беше топла и прекрасно средена куќа. Можев да го почувствувам мирисот на колачиња и какао. Дневната имаше голем камин од кој блескаше топлина, а покрај огромниот прозорец од кој можеше да се набљудува целиот град, седеше старец со бела седа виткана коса, голем нос, бело лице, сини очи и црвенкасти усни. Поприлично висок и крупен човек облечен во црвен костим. Околу половината имаше црн каиш, а на нозете носеше црни високи чизми, на главата пак имаше црвена капа, тоа сигурно беше оној посакуван старец, за кој сите деца зборуваат и сонуваат да го видат. Тоа беше Дедо Мраз. До него седеше, можев да кажам најубавата жена која некогаш сум ја видела. Имаше долга виткана коса, бело лице и румени образи, зеленкасто-плави очи и розеникави усни. На неа носеше долг црвен фустан, обвиткано со бело крзно на пределот кај градите и зглобовите на рацете. На нозете носеше проѕирни чевли, а на главата имаше бела крзнена капа. Тоа беше сопругата на Дедо Мраз, односно госпоѓа Мразица. Бев навистина почестена гостинка во нивната куќа, овде сигурно ќе останам неколку дена, подобро да се запознаам со работите овде, и најважно да ја почувствувам вистинската магија на празниците. Градот на Дедо Мраз е магија која мора да се искуси.

Scroll to Top